• петок, 22 ноември 2024

Промоција на сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров во Струмица 

Промоција на сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров во Струмица 

Струмица, 2 април 2024 (МИА) - Сликовницата „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, ќе биде промовирана денеска пред книжарницата „Литература.мк“ во Струмица на Светскиот ден на книгите за деца.

„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров која е поврзана со настанување на градот Струмица. Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од Иван Котев. 

Промотор на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска, а специјален гостин ќе биде фолклористот Иван Котев. 

Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено десетина книги на македонски јазик, вклучително и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. 

Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Beijing Literature and Art Network“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и уште две поетски награди со национален предзнак: „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“.
 
Пред промоцијата во Струмица, изданието беше претставено и во Скопје, во јануари, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. ар/aa/

Фото: Арс Ламина

Остани поврзан