• петок, 20 септември 2024

Промоција на реконструираниот објект на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“

Промоција на реконструираниот објект на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“

Куманово, 9 август 2024 (МИА) - Целосно реконструирани се просториите на регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово, што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на стручното и практичното образование на учениците, информираа денеска надлежните од Делегацијата на ЕУ, Министерството за образование и од училиштето. Регионалниот центар во Куманово е капитална инвестиција во која се вложени околу три милиони евра, со кои целосно е реконструирано училишниот објект, интернатот, работилниците, со поддршка на Европската унија, преку ИПА фондовите.

Во самиот објект заменети се електрична, канализациска, водоводна мрежа, има нови училници, кабинети, лифт за ученици со попреченост, тоалети. Набавена е опрема за различни профили. Реконструкцијата е дел од програмата „ЕУ за млади“, преку која ЕУ инвестира во зголемување на вработувањето на младите.

Шефот на оддел во Делегацијата на ЕУ, Александру Албу, во обраќањето пред присутните кажа дека е важно да се вложува и во едукацијата во развој на стручното образование кои ќе одговори на барањата на пазарот на труд, да се вложи во доусовршувањето на професорите, да се привлечат ученици кон стручното образование и да се разбие стереотипот дека стручното образование е само за ученици со послаб успех.

- Стручното образование и обука не е исклучок. Министерството треба да продолжи да работи на поголем пристап до средното стручно образование, да ги подобри вештините на учениците, да се осигури дека вештините се во согласност, со барањата на пазарот на трудот. Важно е да се обезбеди соработка помеѓу провајдерите на стручното образование и обука и бизнис секторот, со што наставните програми подобро ќе одговорат на потребите на пазарот на труд, кажа Албу.

Вложувањето во средното стручно образование ја подобрува економијата, придонесува за развој на образованието на возрасните.Заменик министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, кажа дека реконструкцијата е исклучително значајна за образованието на учениците, но и за возрасните. Во тек е постапка за набавка на опрема, клупи столови, табли, друг училиштен мебел за регионалниот центар во Куманово, но и за центрите во Охрид и Тетово.

- Ние сме мала земја што мора повеќе од другите да ги искористи сите ресурси, за да се развива и напредува. Затоа посебно внимание посветуваме на унапредување и заокружување на системот на стручно образование што подготвува кадри способни за брзо вклучување на пазарот на трудот, но истовремено со знаења и вештини за успешно продолжување во високото образование. Заедно со повеќе чинители работиме на финализирање на Законот за стручно образование и обука и други закони со кој системски ќе се уреди дуалното образование. Тоа ќе го олесни функционирањето на центрите како овој и ќе овозможи тие да бидат извори на знаење, иновации и успешни кариери, кажа заменик министерот.

Тој додава дека за средното стручно и дуалното веќе има голем интерес што покажуваат резултатите од последниот упис, најави дека министерството ќе соработува и со бизнис заедницата за да се креира кадар потребен за пазарот на трудот.

Тим лидер на проектот техничка помош на Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за Млади“, Галиа Божанова, кажа дека тимот неуморно и мотивирано работел на реализација на проектот

- И покрај тешкотиите, отстапките на патот не се откажавте, напротив станавте поодлучни во работата. И денес Регионалниот центар е награда за вас, вработените, учениците, родителите како и за бизнис секторот. Важно е што го изодвме овој пат со престтавниците од Министерството, со делегацијата на ЕУ и гора сум што сум дел од вашата приказна, рече Божанова.

Директорката на училиштето, Весна Трајковска кажа дека веќе се препознаени како центар и дека расте интересот за упис во ова училиште како од учениците, така и од бизнис заедницата која дала идеи за нови профили, дел од уписната политика.

- Дуалното образование овозможува стекнување на практични вештини за подобро вклучување на пазарот на труд. Досегашните реформи, трансформацијата на училиштето дават резултатите ако до пред некоја година мака мачевме за упис, сега веќе можеме да се пофалиме, рече Трајковска.

За споредба таа кажа дека во 2021 имало 450 ученици, сега има 698 ученици. Расте и бројот на потпишани договори со компании кој изнесува околу 100-тина. Наставниот кадар следел обуки организирани од Министертсвото, од ЕУ, од образовни институции.

Активностите во државата предвидуваат реконструкција на три центри за образование и обука, покрај Куманово, во Охрид и Тетово. Преку други иницијативи, финансирани од ЕУ идентификувани се уште две училишта кои ќе станат дел од групата на регионални училишта за стручно образование, Струмица и Велес и се очекува до крајот на 2027 да има седум регионални центри. ам/са/

Фото: МИА

Остани поврзан