• петок, 21 јуни 2024

Промоција на поетската збирка и доделување на награди на утрешната манифестација „Стихувалки 2024“

Промоција на поетската збирка и доделување на награди на утрешната манифестација „Стихувалки 2024“

Скопје, 14 јуни 2024 (МИА) - Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје утре ќе се одржи завршната манифестација на седмиот Фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2024“. На Фестивалот ќе биде промовирана збирката со поетски творби насловена „Стихувалки 2024“ и ќе бидат доделени признанија на сите 93 автори застапени во оваа збирка. Исто така, ќе бидат доделени златна, сребрена и бронзена плакета за тројца автори на трите најдобри поетски творби за деца.

Плакета со специјална награда ќе се додели за најдобра песна од странски автор. Како и во минатите години и оваа година ќе се додели и специјална награда на автор чија песна добила најголем број гласови од публиката.
Сите наградени автори ќе добијат подароци од мироносната градина на сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин.

„Стихувалки 2024“ оваа година се реализира по седми пат како традиционална литературна манифестација којашто има првенствена цел да придонесе за книжевниот и културниот развој на литературата за деца, по пат на поттикнување на креативниот и творечкиот потенцијал на поетите кои пишуваат поезија за децата.

Како што соопштија организаторите, по распишаниот конкурс со свои творби аплицираа над 140 афирмирани и неафирмирани македонски автори од повеќе градови, како и автори од соседните држави.  Од нив жири - комисијата избра 93 автори со нивните поетски творби коишто се објавија во заедничка збирка „Стихувалки 2024“.

-Сите објавени песни во збирката континурано беа објавувани на фејсбук страницата „СТИХУВАЛКИ – поетски фестивал“, со што и публиката имаше можност да гласа за своите фаворити. Гласовите на публиката влијаат, но не се одлучувачки при изборот за награди од страна на Жири - комисијата, соопштија организаторите.

Носител и организатор на проектот е издавачката куќа ЕДУКА МАК - Скопје, а автор на проектот и програмски уредник е м-р Ели Маказлиева.

На свеченоста ќе се обратат членовите на Жири-комисијата - проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Елизабета Бандиловска и Лила Арсова.бт/мд/

Фото: плакат

Остани поврзан