• петок, 22 ноември 2024

Промоција на „Книжевна мапа на Скопје“ во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Промоција на „Книжевна мапа на Скопје“ во  библиотеката „Браќа Миладиновци“

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) – Во чест на 13 Ноември - Денот на ослободување на Скопје, како и во рамките на одбележувањето на својот 78. роденден, Градската библиотеката „Браќа Миладиновци“ ја организира промоцијата на книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова. Промоцијата е закажана за во 12 часот во спомен-собата „Т’га за југ“. За делото ќе говори Весна Мојсова Чепишевска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

„Книжевна мапа на Скопје“, во издание на Центарот за култура и културолошки студии, е дело во кое Илкова ја истражува новата македонска книжевна сцена кај која односот кон градот повторно се пројавува како една од доминантните творечки преокупации.

- Следејќи ја хронологијата на книжевните дела поврзани со Скопје што ни ја овозможува Илкова, повторно се потврдува дека како што посочува и таа: „Скопје во секој период од своето постоење бил најубав град, само тоа, речиси секогаш (барем во книжевноста), отпосле му е признаено, подвлекува Иван Антоновски, уредник на книгата.

Весна Мојсова Чепишевска истакнува дека книгата му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија.

- Ама оваа книга, поради истражувачката темелност со која се одликува им е потребна и на македонската книжевна наука и на македонската културологија, пишува во рецензијата Мојсова Чепишевска.

Моника Илкова е родена во 1993 година во Битола. Има дипломирано и магистрирано на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2017 година работи како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш. Освен со книжевност, се занимава и со графички дизајн.

Настанот е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година. ир/лв/

Фото: Градска библиоитека „Браќа Миладиновци“

Остани поврзан