Промоција на „Гласот во твојата глава“ - нова книга од Коста Петров
- „Гласот во твојата глава“, нова книга од Коста Петров во издание на Издавачки центар ТРИ, ќе биде промовирана вечер од 19 часот во Three Kitchen Bar.
Скопје, 29 октомври 2025 (МИА) - „Гласот во твојата глава“, нова книга од Коста Петров во издание на Издавачки центар ТРИ, ќе биде промовирана вечер од 19 часот во Three Kitchen Bar.
-По големиот успех на неговите претходни книги, Петров се враќа на сцената со дело што ветува да ја допре најдлабоката точка во секој читател.
„Гласот во твојата глава“ е искрена, сурова и интимна автобиографија на гласот што секој од нас го носи во себе – гласот на стравот, сомнежот и самосаботажата. Преку лични приказни и длабоки размислувања, Петров ги води читателите низ најтешката, но и најважната битка – битката со самите себе. Оваа книга не е само сведоштво, туку и покана за ослободување, прифаќање и враќање на тишината во умот. „Гласот во твојата глава“ е книга што ќе ве натера да застанете, да се слушнете себеси и конечно – да го запознаете гласот кој толку долго живее во вас, соопшти ТРИ.
Издавачкиот центар најави „уште еден успешен бестселер на авторот“ и соопшти дека настанот е отворен „за сите љубители на литературата, психологијата, самооткривањето и самоподобрувањето“. хс/дма/
Фото: Издавачки центар ТРИ