• петок, 15 ноември 2024

Промовиран прекуграничниот проект „Соработка во визуелните уметности за промовирање на регионалниот културен идентитет“

Промовиран прекуграничниот проект „Соработка во визуелните уметности за промовирање на регионалниот културен идентитет“

Куманово, 21 март 2023 (МИА) - Фондацијата за култура и спорт од Куманово денеска го промовираше прекуграничниот проект што го работи со народно читалиште „Димитар Благоев 1925“ од Бугарија, насловен „Соработка во визуелните уметности за промовирање на регионалниот културен идентитет“. Проектот има за цел развој на туризмот и промовирање на соработка меѓу регионалните актери во областа на одржливиот туризам.

Проектот почна со реализација во септември, мината година и ќе заврши истиот месец, годинава. Во наредниот период ќе се реализираат повеќе активности, работилници во Банско и во Куманово, а предвидено е изработка на документарен филм за визуелни уметности во регионот, набавка на опрема за Фондацијата за култура и спорт, организирање на форум за дискусија, како визуелните уметности и култура го поттикнуваат развојот на туризмот, развој на веб-базирана туристичка платформа за визуелни уметности, форум за уметнички туризам и виртуелна презентација на туристичка понуда на Куманово и културни настани во Банско и завршна прес-конференција на проектот.

- Вредноста на проектот финансиран од страна на ЕУ е 96.152 евра, што е 85 проценти од целокупниот проект, а национално кофинансирање имаме со 16.968 евра, што е 15 проценти од сумата на целиот проект. Периодот на имплементација е од 30.09.2022 до 29.09.2023 година, рече директорот на фондацијата, Марио Арангеловски.

На 6 март годинава во Општина Куманово беа потпишани два договора за Национално кофинансирање по програмата за прекугранична соработка. Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски потпиша Договор за проектот „Подобрување на туристичкиот потенцијал во Ќустендил и Куманово преку модерна визија за регионите“, а со в.д директорот Марио Арангеловски од Фондацијата за култура и спорт на Општината, Договор за проектот „Соработка во визуелните уметности за промоција на културниот идентитет на регионот“. ам/бд/

Фото: МИА и Фондација за култура и спорт Куманово

Остани поврзан