Промовиран првиот водич за обезбедување бесплатна правна помош во постапките за азил во нашата држава
- Министерот за правда Игор Филков денеска присуствувал на промоцијата на водичот за обезбедување бесплатна правна помош во постапките за азил во нашата држава.
Скопје, 19 декември 2024 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков денеска присуствувал на промоцијата на водичот за обезбедување бесплатна правна помош во постапките за азил во нашата држава.
Водичот е резултат на соработката помеѓу Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Високиот комесар за бегалци во Северна Македонија (УНХЦР), Македонското здружение на млади правници и Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
- Горд сум што после подолг период обезбедуваме важна алатка во обезбедувањето пристап до правна помош со што ќе им се помогне на барателите за азил да добијат бесплатна правна помош, потенцирал министерот Филков, соопштија од Министерството за правда.
Тој нагласил дека е исклучително важно што прв пат кај нас во водич се опфатени правата и процедурите во објаснети чекори за обезбедување бесплатна правна помош за барателите на азил, без ограничена слобода на движење во редовна постапка, во итна постапка и за барателите на азил со ограничена слобода на движење.
Во следниот период, се наведува во соопштението, Министерството за правда ќе работи на поедноставување на процедурите за добивањето на бесплатна правна помош, на продлабочување на соработката со невладините организации кои работат во оваа област и обезбедување на систем за онлајн апликации, кој ќе биде достапен за сите.
Ефективниот пристап до правда, се додава, е основа на правниот систем за секого, а за Министерство за правда е од клучна важност за зајакнување на правото и правичноста во нашето општество. цр/ев/
Фото: Министерство за правда