• петок, 22 ноември 2024

Промовирано здружението „Хоуп“ за помош и поддршка на лица со афазија

Промовирано здружението „Хоуп“ за помош и поддршка на лица со афазија

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Да се подигне свеста за постоењето на афазија, заштита и зајакнување на правата на лицата со афазија, е целта на Здружението за помош и поддршка на лица со афазија „Хоуп“, што денеска беше промовирано во Скопје. 

Афазија е пореметување на говорот, кое може да биде различно. Тешко изговарање на зборови или неразбирање на туѓ говор, или пак глобална афазија кога се засегнати сите сегменти на зборувањето. Здружението ќе се залага и за формирање регистар на лица кои се борат со оваа состојба.

На промоцијата се проговори за состојбата на афазија, причините, како се лекува. Тоа е многу тешка состојба за лицата кои се соочуваат со неа, но и за нивните семејства. 

Професор доктор Иван Барбов, невролог од Клиниката за неврологија, изрази задоволство што е дел од кампањата за подигнување на свеста кон здравствената состојба на афазија, за која рече дека е комплексна. Тој нагласи дека клучна е улогата на неврологот и оти многу се важни правилната дијагноза и третманот на заболувањето во што мора да учествува мултидисциплинарен тим.

- Афазијата не е посебна болест, туку симптом на повеќе заболувања, подвлече тој, информирајќи дека се јавува кај повозрасната популација, но, може, иако поретко, да се јави и кај помлади лица и деца.

Магистер доктор Станислава Антевска, како логопед со долгогодишно искуство, информираше дека најмалиот пациент е на седум години. Таа сподели и позитивен пример на момче кое после третманите, успешно завршило средно образование.

- Многу е важна соработката со семејството, нагласи Антевска, појаснувајќи дека пациентите немаат проблем само со говорот, туку и со самоприфаќањето, прифаќањето од средината, промена во емоциите, релацијата кон другите луѓе, отуѓени се едноставно од светот.

Затоа, додаде, дека освен во говорот, им помагаат и на психички план, да се снајдат во околината. Таа изрази среќа што голем број од нејзините пациенти се вратиле на својот нормален живот.

Адвокатот Ѓорги Павлов информираше дека имаат канал на „Јутјуб“, каде се прикачуваат видеа со вежби, како што појасни, целосно подобни и корисни за сите засегнати лица.

- Активно работиме на воспоставување сериозни соработки со субјекти што нудат помош и поддршка на лицата засегнати од афазија или други состојби како последица на повреди или нарушувања на мозочните функции, кои ќе пружаат адекватни и оптимизирани услуги за овие лица, како и на обезбедување средства од донации за набавка на специјализирана опрема за подобрување на состојбата на лицата со афазија, меѓу другото, додаде Павлов.

Адвокатката Мирјана Марковска - Андревски сподели дека три години се соочува со овој проблем. Запрашана каде наоѓа сила, за да оди напред, одговори, работа, работа и само работа, вежби со стручни лица, дружење со лица со исти проблеми, мал е бројот, но, ги има повеќе и повеќе, со кои си се помош едни на други.

Нејзината пријателка Ирена Апостолова рече дека нема класична афазија, на моменти го губи говорот, но, се враќа. Проблемите почнале од пред 13 години.

- Во ниту еден момент не сум кажала тешко ми е, откажување нема, позитивниот став е многу важен, во меѓувреме станав инструктор по јога, работам колку што можам, откри таа. бд/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан