• понеделник, 23 декември 2024

Промовирани дигитализираните записи од картотеките на Институтот за македонски јазик

Промовирани дигитализираните записи од картотеките на Институтот за македонски јазик

Скопје, 18 јануари 2023 (МИА) – Во годината кога одбележува 70 години од основањето, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ го промовираше проектот за дигитализација на ракописите од картотеките кои една година, од декември 2021 до декември 2022, беа обработувани во Архивскиот дата центар Инбокс. Околу пет милиони ливчиња со запишани стари македонски зборови и дијалекти од деветте картотеки на Институтот, кои со децении се чуваа во картонски кутии и беа во опасност да бидат загубени, уништени или оштетени, сега се трајно заштитени во дигитална копија и на микрофилм.

За проектот беа обезбедени вкупно 14 милиони денари, од кои 9 милиони денари преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и 5 милиони денари од  Министерството за култура.

-Овие записи со изворни македонски зборови и изрази датираат од 14 и 15 век. Со проектот овие записи веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари, туку ќе се чуваат во дигитална форма, со што ќе се обезбеди нивно понатамошно зачувување како непроценливо национално богатство… Македонскиот јазик е аманет со кој треба да се гордееме бидејќи само преку негувањето и зачувувањето на нашиот јазик и неговата изворна содржина, ќе може да го зачуваме и сопствениот идентитет, за кој се избориле генерациите пред нас, а нам ни е оставен како завет од кој не смее да се откажеме, истакна премиерот Димитар Ковачевски при посетата на Институтот.

Тој посочи и на други проекти на Владата со кои се унапредува и заштитува македонскиот јазик, меѓу кои е и платформата на дигиталниот толковен речник makedonski.gov.mk, а потсети дека лани Владата даде согласности за 17 вработувања на млад кадар научници во Институтот каде што во две децении претходно имало само едно вработување.  Нагласи и дека македонскиот јазик денес е официјализиран во Обединетите нации и во Европската Унија.

 

-Денес, јасно и гласно, во официјални изјави, прецизно се употребува терминот „македонски јазик“ којшто е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици во Европската Унија, за што прв доказ е договорот Фронтекс. Почетокот на преговорите со ЕУ, и со тоа преводот на целокупното европско законодавство на македонски јазик, е конкретното признание на македонскиот јазик што го очекувавме и осигуривме. Носејќи државнички одлуки, го обезбедивме и европското и светското признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, со што верувам би се гордеел и нашиот ценет Конески, рече претседателот на Владата.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека се работи за комплексен и макотрпен проект и дека е историски зафат со кој е спасено непроценливо духовно и културно богатство.

-Дигитализирани и трајно заштитени се пет милиони ливчиња, јазични записи, грижливо и посветено собирани со децении на терен од вработените во Институтот од бројни истражувачи, студенти и вљубеници во јазикот. Заштитени се обемни картотеки од различни области на македонскиот јазик, дигитализирани се 12 збирки, создадени се 425 микрофилмови, преку кои е зачуван целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик. Со дигитализацијата се овозможи секој запис од картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да се најде во дигитална форма и да се создаде копија од оригиналот, рече Костадиновска-Стојчевска.

За поддршката од Владата за проектот и за професионалноста на вработените во Архивскиот дата центар Инбокс се заблагодари директорката на Институтот за македонски јазик Елена Грујоска-Јованова.

 

-Ова е историски момент за нашиот Институт затоа што зад нас е историска година во која сите картотеки, целиот материјал што го работеле – на почетокот прво основачите на Институтот и потоа сите колеги во минатите 70 години, конечно е дигитализиран. Обезбеден е и заштитен за идните генерации и е полесно достапен за лингвистички истражувања, рече директорката на Институтот „Крсте Мисирков“.

По завршувањето на овој крупен проект и затоа што, рече таа, од минатата година имаат и засилен кадар, вработените во Институтот ќе се посветат на започнување друг голем проект, како што е Корпус на македонскиот јазик. Премиерот Ковачевски додаде дека очекува набргу да се изработи тој проект во соработка со тим од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). хс/лв/

Остани поврзан