• петок, 22 ноември 2024

Промовирана монографијата Компаративна анализа на општествени состојби и предизвици на Балканот на ИСППИ

Промовирана монографијата Компаративна анализа на општествени состојби и предизвици на Балканот на ИСППИ

21 декември 2023 

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје на 20.12.2023 година организираше промоција на монографијата Компаративна анализа на општествени состојби и предизвици на Балканот. Монографијата претставува зборник на текстови од група автори од ИСППИ од различни научни области, а се темели на резултатите од истоименото научно истражување, спроведено во 2022 година и финансирано од интегративните средства на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Раководител на научноистражувачкиот проект беше проф. д-р Драгор Заревски, а секретар на проектот беше асс. м-р Теа Конеска-Василевска.

На промоцијата, на присутните им се обратија заменик-директорот на ИСППИ, доц. д-р Јован Близнаковски, проф. д-р Драгор Заревски и асс. м-р Теа Конеска-Василевска.

Темите што се опфатени во монографијата ги обработуваат и ги прикажуваат политичките, општествените и организациските фактори што влијаат врз стабилниот општествено-економски развој во Република Северна Македонија и на Балканот. Како што истакнуваат рецензентите на монографијата, проф. д-р Емилија Симоска и проф. д-р Горан Јанев, авторите имаат применето богата теоретска анализа и повеќе квалитативни и квантитативни методи, а монографијата е базирана на голем број анализи во повеќе области. Особено значаен е компаративниот пристап, кој ја зголемува вредноста на трудот, а со оглед на тоа што компаративните истражувања и анализи на општествените процеси недостигаат последниве децении, монографијата има посебен придонес во таа смисла.

Според авторите, мотивот за истражување на оваа тема е глобалната безбедносна и стопанска нестабилност во регионот, како и влијанието на глобалните и локалните политичко-економски тенденции, што бараат континуирани анализи.

Во рамките на научноистражувачкиот проект на којшто се темели монографијата, се наведени три основни цели:

· истражување на принципите на стратешката геополитичка стабилност, последиците од масовните миграции на населението, како и базичните политички заложби и легислативната рамка за обезбедување на рамномерен регионален развој во Република Северна Македонија и на Балканот;

· истражување на потенцијалите на македонското општество и одредени балкански држави за соодветно справување со последниците од пандемијата, поточно, функционалноста на здравствениот систем и системот за јавно информирање;

· истражување на можностите за создавање на соодветна средина за континуиран развој на корпоративната општествена одговорност на македонските и балканските претпријатија како предуслов на економскиот и општествениот развој.

Во монографијата се вклучени трудови на авторите: проф. д-р Панде Лазаревски, проф. д-р Мирјана Борота Поповска, проф. д-р Славејко Сасајковски, проф. д-р Петар Атанасов, проф. д-р Ружица Цацаноска, проф. д-р Драгор Заревски, проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ, вонр. проф. д-р Весна Забијакин Чатлеска, доц. д-р Иван Блажевски, доц. д-р Дритон Маљичи, доц. д-р Милка Димитровска, асс. м-р Блаже Јосифовски и асс. м-р Теа Конеска-Василевска.

Проф. д-р Петар Атанасов и доц. д-р Дритон Маљичи приложуваат текст со наслов „Споредбена анализа на општествената интеграција во Босна и Херцеговина и Северна Македонија“. Нивниот предмет на анализа е моделот на општествена интеграција во Босна и Херцеговина, три децении по дисолуцијата на федеративна Југославија, споредбено со Република Северна Македонија. Проф. д-р Ружица Цацаноска и доц. д-р Иван Блажевски се автори на текстот „Социолошки аспекти на миграциите – состојби во Северна Македонија и Бугарија“. Во него е третирана миграцијата како еден од клучните фактори што ги детерминираат демографските промени. Авторите како предмет ја имаат структурата на популацијата на двете земји во интеракција со миграциските трендови. Доц. д-р Милка Димитровска, проф. д-р Панде Лазаревски и проф. д-р Драгор Заревски се вклучени во зборникот со трудот „Компаративна легислативна и имплементациска анализа на рамномерниот регионален развој во Словенија, Србија и Северна Македонија“. Целта на ова истражување е да се процени ефективноста на концепцијата за одржлив рамномерен регионален развој во Словенија, Србија и Северна Македонија, преку компаративна легислативна и имплементациска анализа. Проф. д-р Славејко Сасајковски е автор на трудот со наслов „Пандемијата со КОВИД-19 и интегритетот и функционалноста на системите на јавно здравје – една можна социолошка проекција“. Професорот Сасајковски прави анализа на правните, економските и здравствените аспекти на справувањето со пандемијата, со осврт на човечкиот капитал како потенцијал. Асс. м-р Теа Конеска-Василевска го приложува текстот насловен „Состојбите во новинарството и во медиумите и предизвиците на професијата новинар во услови на глобална криза во Македонија и во земјите од регионот“. Конеска-Василевска ги анализира состојбите во медиумите и предизвиците на новинарството како професија во ризични услови и во услови на глобална здравствена криза во рамките на комуникациската екологија, со што е претставена и врската меѓу медиумите, јавноста и поширокиот општествен систем во регионот. Проф. д-р Мирјана Борота Поповска, проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ, вон. проф. д-р Весна Забијакин Чатлеска и асс. м-р Блаже Јосифовски се автори на последниот текст со наслов „Корпоративната општествена одговорност: компаративни искуства од Западен Балкан“. Тие се занимаваат со корпоративната општествена одговорност како фактор на влијание врз одржливиот развој на општеството и развојот на граѓанското општество.

Монографијата промовира голем број на релевантни сознанија нужни за проучување на развојот на современото македонско општество, кое во услови на пандемија се соочи со низа на социјални, економски и безбедносни предизвици.

Монографијата Компаративна анализа на општествени состојби и предизвици на Балканот во електронска верзија е достапна на официјалната интернет-страница на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – https://isppi.ukim.edu.mk/sites/default/files/2023-12/komparativna-analiza-na-opstestveni-sostojbi-i-predizvici-na-balkanot-2023.pdf.

Институт за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ)

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ИСППИ 

Остани поврзан