• недела, 20 октомври 2024

Промовирана монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“ од авторот Јован Божиноски

Промовирана монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“ од авторот Јован Божиноски

Тетово, 7 јуни 2024 (МИА) - Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово вчера организираше промоција на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“ од авторот Јован Божиноски. Монографијата e за професионалниот фотограф, Гого Попов-Стариот (1908-1979), човек кој со фотографирањето го зачувал споменот и историјата на развојот на планинарството и скијањето на Шар Планина и низ Македонија од почетокот на дваесеттите години па се до крајот на седумдесеттите години на минатиот век.

Промоторот на монографијата, д-р Бранислав Светозаревиќ – Покорни рече дека фотомонографијата со околу 580 фотографии за Гого Попов доловува многу посуптилни моменти и дека читателот пред себе има една уникатна книга и дело во кое на маестрален начин авторот Божиноски да ја истакне и убавината на фотографијата и мајсторството на Гого Попов како раскажувач на историјата.

- Фото документите и податоците за нивното настанување не водат низ една неверојатна приказна: дознаваме за неговото потекло и неговото семејство кое го формирал со неговата сопруга, тетовчанката Дана; го запознаваме Гого Попов како неверојатен фотограф на планината кој ги прави и првите авионски снимки на македонските планини; почетоците на македонското организирано планинарење, првите планинарски организации, првите планинарски домови, а ги запознаваме првите планинари во Македонија. Преку неговите фотографии се запознаваме со почетоците и развојот на скијачкиот спорт, истакна Бранислав Светозаревиќ-Покорни во дел од своето обраќање.

Претседателот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, Зоран Читкушев истакна дека монографијата е дело кое заслужува почит и внимание.

- Претставува резултат на сериозна и долгогодишна работа Јован Божиноски кој успева да собере податоци за човекот кој има реализирано високи дострели во активностите кои според нивната содржина се поливалентни. Монографијата станува дел од нашата книжевна меморија и да се збогатиме со информации за луѓе и настани кои во најголем дел ни се непознати, рече Читкушев.

Авторот на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“, Јован Божиноски, објасни дека мотивот е роден во 2000 година, кога ја организирал изложбата по повод 75 години од ПК Љуботен, кога слушнал од постарите планинари за важноста на фотографиите на Попов кои ги имаат во клубот.

- И тогаш почнав и јас да фотографирам на планина. Ова мое интересирање за фотографија ме врза со оние фотографии кои во клубот ги имаше од Гого Попов и да почнав да ја средувам таа фото-архива на ПК Љуботен. Албум од Гого Попов изработен 1952 година пејзажи од Љуботен до Кораб, е највредното дело на Попов кое се наоѓа во ПК Љуботен. Откако го видов тој албум, почнав да се навраќам на тој период и се обидувам да го доловам моментот што тој Гого Попов го доживувал кога ќе чкрапнел со фотоапарат. Ги овековечил сите моменти, првите организирани движења на Шар Планина, првите планинарски тури, градењето првите објект, први скијачки натпревари, искачувања на некои врвови, се она што денес Шара го нема, истакна Божиноски во своето обраќање.

Монографијата тематски е поделена на три сегменти: Семејство и живот, Фотографија и професија и Планина (планинарење и скијање). ас/цр

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан