• понеделник, 23 декември 2024

Промовирана „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“

Промовирана „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“
Охрид, 23 мај 2022 (МИА) – „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ од авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во издание на Општина Охрид, денеска беше промовирана во рамките на чествувањата на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј – 24 Мај. Во книгата, како што истакна промоторот Бобан Карапејовски, на околу 300 страници се поместени најзначајните кирилометодиевисти од Македонија, но и автори што го расветлуваат нивниот животен и творечки пат од историска перспектива, сè до инспирацијата што ја поттикнале кај создателите на уметничката литература. - Пред нас имаме дело што во најмала рака, уште еднаш ги потврдува сите определби што досега се кажани за овој простор. А, тој простор, во својата основа, ги содржи напорите, ги реактуелизира, за жал, и по милениум, заложбите на Светите Кирил и Методиј, врамени во зборовите на апологијата на создателот на првата словенска азбука, во која и нашето право да зборуваме на својот јазик, така да се молиме, да тагуваме или да се радуваме, рече Карапејовски. Според Димоски, кој е еден од авторите на книгата, застапените песни се со високи уметнички вредности. - Сите поети имаат различен индивидуален заглед кон мотивот Кирил и Методиј. Но, културниот код на Кирил и Методиј е произлезен од Македонија и длабоко е враснат во македонската културна традиција, рече Димоски. Култот на браќата Кирил и Методиј, додаде, е почнат уште во старословенскиот период и трае повеќе од 10 векови. - Првиот оригинален словенски, а истовремено и македонски просветител и писател Свети Климент Охридски го дига на висок поетски пиедестал ликот, делото и заслугите на светите браќа, а преку црковно словенскиот период, тој култ се возвеличи во времето на македонската преродба како силен отпор кон цариградската патријаршија, нагласи Димоски. Во име на издавачот, Општина Охрид, советникот Перчо Божиноски забележа дека авторите со длабок историски пресек и виртуозен литературен израз, не водат низ времето, од светите Кирил и Методиј, преку Свети Климент и Свети Наум, Јоаким Крчовски и Григор Прличев, па се до Кочо Рацин и Блаже Конески. - Авторите покажуваат и докажуваат дека кирилометодиевистиката живее во македонистиката и современиот македонски јазик до денешни дни. Токму во пресрет на утрешниот голем сесловенски празник, посветен на светите Кирил и Методиј, пред нас е едно грандиозно дело, со кое се продолжува непрекинатата потрага по нови сознанија за делото и животот за најзначајните светители во словенскиот свет, солунските браќа Кирил и Методиј, рече Божиноски. „Книга за Светите браќа Кирил и Методиј“ е петти заеднички проект на Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. На овој труд му претходеа „Дојди во Охрид“, „Антологија на ловорот“, „Книга за Чинго“ и „Охридски раскажувачи“ сите издадени од Општина Охрид. сс/свс/

Остани поврзан