Промовирана книгата „Пат покрај патот“ на Славе Ѓорѓо Димоски
- Книгата „Пат покрај патот“ на Славе Ѓорѓо Димоски вечерва беше промовирана во Охрид. Покрај ова дело на Димовски, пред охридската читателска публика беа претставени и неговите две претходни д
Охрид, 2 април 2022 (МИА) - Книгата „Пат покрај патот“ на Славе Ѓорѓо Димоски вечерва беше промовирана во Охрид. Покрај ова дело на Димовски, пред охридската читателска публика беа претставени и неговите две претходни дела „Извештаи на Рисот“ и „Јазик и леб“.
Промотор на делата на Димоски беше професорот Димитар Пандев, кој ја опиша книгата како патописна, иако во неа се вклучени и есеи, критики, па дури и интервјуа
- Од таму првото прашање што ми се наметна при читањето е, кој од македонските писатели, а зошто не и светски најмногу патувал. И секако во таа силна конкуренција можеме да го сместиме и Славе Ѓорго Димоски. Тоа е токму она што е клучното во моето излагање и основа за поопсежни есеи, да го поставиме Димоски како поет, писател, патешественик во таа смисла дури и како мисионер, бидејќи дел од неговите патувања се поврзани токму со онаа мисија што ја имал во Струшките вечери на поезијата како претседател на Управниот одбор, а тука отвораме и повеќе теми од типот на интеркултурната комуникација, рече Пандев.
-Поетскиот стил и јазикот на поетот се една книжевна форензика, додека авторот е поет на мерата, нагласи професор д-р Пандев.
Според него,во делата на Ѓорѓо Димоски, содржани се интеркултурните шокови на современата Европа, преку љубовта и описите на неговата животна и поетска преоукупација – планината Галичица, со сиот нејзин жив и растителен свет, чија заштита е тема број еден денеска во светот.
Пред присутните се обрати и авторот, кој за „Пат покрај светот“ рече дека е книга есеи, кои според него, се рефлексија на различни страни од светот каде што патувал, лирски импулси и вибрации.
-Јас пишувам за патот на универзалноста, за светлиот пат, додека сите придружни патеки се едно лично својство. Тука има и една библиска конотација, од аспект на светиот пат на Првородениот, со сите приклученија кон него, рече авторот Славе Горго Димоски.
Тој најави уште две до три книги, во истиот контекс, за кои има собрано материјал.
- Има и постари есеи, повеќето се цртички со анегдотски приказ за повеќе наши ситуации од сферата на културата и личности. Ангажирана поезија, која всушност во последниве половина век можеби ретко се пишува, но економско политичките ситуации во нашата земја и пошироко доведоа до таа страна дека мораме да се вратиме назад на оваа поезија која има еден тек заедно со политичко економските настани во една земја, еден систем, едно општество, рече Димоски.
„Извештаи на Рисот“ и „Јазик и леб“ се книги издадени пред неколку години, промоции имаа во други градови, но поради пандемијата не беа претставени пред охридската публика.
Славе Ѓорѓо Димоски е автор на повеќе поетски книги за возрасни и деца, деветнаесет му се преведени на различни јазици, добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, и е застапен во сите релевантни антологии на македонската поезија објавени по 1982 година.сс/ки/