• сабота, 21 декември 2024

Промовираната книгата „Слова за македонскиот непокор“ од академик Љупчо Коцарев

Промовираната книгата  „Слова за македонскиот непокор“ од академик Љупчо Коцарев

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Во мултимедијалниот центар „Матица Ексклузив“ од Скопје денеска беше промовирана книгата „Слова за македонскиот непокор“ од академик Љупчо Коцарев, во која се застапени 69 есеи објавени, во периодот од 2021 до 2023 година, во кои авторот пишува за македонските национални премрежиња.

Изданието го промовираше писателот Ефтим Клетников, кој ќе каже дека „Македонија во есеите на Коцарев е точката на математичкиот златен духовен пресек како топас на локалното одразено во сликата на универзалното“. 

-Ќе ми простите, компарацијата тука Бог кој толку многу ја засакал Македонија па го испратил и својот најревносен апостол Павле оттука да ја пренесе кон Европа радосната вест на љубов и братство меѓу народите. Така и тој ја виде неа како центар. Така ја гледа неа и Љупчо Коцарев во своите есеи Македонија во се’ и се’ во Македонија како што ја гледаше всушност и Рацин чија култулорошка фиданка е тој. Секако, пак, тоа не е национал - романтичарски нарцизам, туку антропологија на болката од која се обликува историската и метафизичката слика на македонското проколнатиштво како судбина, вели Клетников.

Тој посочува дека во есеите на Коцарев провејува моќно крикот на Конески за тоа колку е болно да си роден во смачкано племе ранувано од надвор, од околните, но и од подалечните варвари и домашните изроди од кои, како што вели тој, еден од нив продаде се’, дури и своите предци, своите поколенија, внуци и правнуци.

На промоцијата во присуство на бројни почитувачи на делото на авторот Коцарев од академската, културната и опшествената сфера и меѓу другото Клетников ќе се осврне на ставовите на академик Коцарев за погубноста на Преспанскиот договор по македонската нација. 

-Коцарев остро ја критикува западната фаустовска цивилизација како што ја вика неа Шпенглер за нејзиниот мефистофелски карактер оти му ја продала душата на ѓаволот. Во таа смисла тој, а имајќи го предвид геноцидниот Преспански договор, средишна депрофундистема на неговите есеи тој и го цитира евангелистот Марко – „Каква ќе биде ползата на човекот ако и сиот свет го добие, а ја загуби својата душа“. Во контекст со геноцидната европска судбина на Македонија и ариевското лицемерие на лажната, демократската, западна либерал капиталистичка цивилизација Коцарев го цитира и Адам Смит кој пророкувајќи ја таа западна хипокризија уште во 1776 пишува трговците и производителите ниту се, ниту треба да бидат владетели, а потоа тој служејќи се со клучот на Бодлеровата универзална аналогија во контекст на лажниот демократски морал на Западот ја цитира и американската декларација за независност од 1776 година што гласи: „Ние ги сметаме за очигледни овие вистини дека сите луѓе се создадени еднакви, дека се обдарени од нивниот творец и стремат кон среќа“ – сега гледаме каква среќа му подарува Америка на светот. Така ама денес евроамериканската цивилизација на корпоративниот капитал, таа декларативна утопија ја первертира во дистопија бидејќи го укина хоризонтот на божјото и природното право на среќа на човекот, дури и на работничкиот слој во богатите колонијалистички нации, а камо ли на сиромашните и ограбени од западниот колонијализам мали и понижени народи, ќе рече Клетников во неговата промотивна реч.

Академик Коцарев од своја страна пред присутните изрази благодарност до промоторот и до издавачот на неговата книга „Матица Македонска“, како и за уметничкиот настап на Андријана Јаневска во придружба на Драган Даутовски.

Љупчо Коцарев (1955, Скопје) е поранешен претседател на Македонската академија на науките и уметностите (јануари 2020 – декември 2023). Работел на универзитетите: УКИМ во Скопје, на универзитетот Калифорнија во Беркли и универзитетот Калифорнија во Сан Диего. Автор е на над 200 научни трудови објавени во педесет водечки светски списанија со фактор на влијание во природно-математичките науки, техничко-технолошките науки, општествените науки и во хуманистичките науки. Тој е дел од водечките два проценти светски научници од сите научни области на сите времиња, согласно тимот на Универзитетот Станфорд во САД (од 2020 година до денес).

Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката. Академик Коцарев е изумител на шест патенти,
одобрени и патентирани во Америка и во Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка
(NSF, AFOSR, DoE, NIH, ONR), Европската Унија (TEMPUS, FP6, FP7, Horizon 2020), Германија (DAAD, DFG), Кина (Кинеска академија на
науките) како и од индустријата (STMicroelectronics). вг/ац/

Фото: МИА

 

Остани поврзан