• понеделник, 23 декември 2024

Пролетна еколошка акција во штипската населба Сењак

Пролетна еколошка акција во штипската населба Сењак

Штип, 8 април 2023 (МИА) - Во населбата Сењак во Штип денеска се реализираше  еколошка генералка. На повеќе локации во населбата чистеа градоначалникот, јавните претпријатија, општинската администрација и граѓаните со цел да се подигне јавната свест за чистотата во градот. 

-И оваа недела заедно со граѓаните и ЈП „Исар“ продолжуваме со расчистување на ѓубрето и сметот од нашите населби. Оваа сабота се наоѓаме во населба Сењак, се движиме во неколку околни места. Како што напоменав и на претходните еколошки акции, целта е да ја подигнеме јавната свест, да придонесеме во рамките на нашите можности за почист град, изјави градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов.
 
Посочи дека не е задоволен од чистотата во градот и колку сите како граѓани се грижиме за неа. Меѓутоа, се надева дека со ваквите акции дивите депонии ќе се намалат до крајот на пролетта.
 
-Искрен да бидам, не сум задоволен од тоа каква е свеста и колку ние како граѓани, вклучувајќи се и сам себе, придонесуваме за почист град, но затоа сме секоја недела на терен. Не се откажуваме за да влијаеме на свеста и ние како примарни и одговорни за ѓубрето и сметот да придонесеме да се намалат дивите депонии. Се надевам дека со текот на времето барем 1 отсто од тоа што е во моментов ќе ги намалиме, рече Јорданов.
 
Порача дека оваа пролет ќе продолжат со расчистување на дивите депонии  во сите населби од градот. вдј/мд/
 
Фото: МИА

Остани поврзан