• петок, 06 септември 2024

Продолжува уредувањето на спортската сала во Куманово

Продолжува уредувањето на спортската сала во Куманово

Куманово, 13 август 2024 (МИА) - Продолжува реконструкцијата на спортската сала во Куманово, информираа денеска од општината. Во моментов се поставува централен семафор во спортскиот објект кој се реконструира веќе извесен период.

- Во тек е поставување на централниот семафор во спортската сала во Куманово, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Претходно заврши партерно уредување на спортистката сала во Куманово, како и трибините во овој спортски објект. Предвидено е да се работи на борилиштето, боксерската сала е завршена, ќе следува реконструкција на санитариите одводот, водовод, санитарни јазли. Проблемите со кровната конструкција се надминати, се работи на осветлување и целосна замена на електриката во салата.

-Согласно проектната документација целосната реконструкција на спортската сала според проектот којшто е направен пред некаде четири години изнесува 6, 5 милиони евра. Се надевам дека освен греење и ладење, успеваме со квалитетен избор на изведувачи по пат на јавни набавки нема да потрошиме ниту два милиони евра, потоа ќе бараме дополнително да се реши затоплувањето и ладењето, изјави претходно градоначалникот Димитриевски.

Спортската сала во Куманово веќе извесен период етапно се реконструира. Изминативе години почна делумна реконструкцијата на трибините, следуваше реконструкција на салата наменета за бокс, претходно се санираше кровната конструкција. Спортската сала е еден од четирите големи спортски објекти, Соколана, градски стадион и стрелиште кои Владата ѝ ги врати во владение на општина Куманово, откако претходно со нив менаџираа приватни стопанственици. ам/са/

Фото: Општина Куманово

Остани поврзан