• четврток, 14 мај 2026

Продолжува реконструкцијата на патот Делчево – Пехчево, нови 15 милиони денари за дополнителна делница

Продолжува реконструкцијата на патот Делчево – Пехчево, нови 15 милиони денари за дополнителна делница

Делчево, 12 мај 2026 (МИА) - Продолжуваат активностите за подобрување на патната инфраструктура на регионалниот пат Делчево – Пехчево. За реконструкција на нова делница во должина од 1.300 метри се инвестираат 15 милиони денари преку годишната програма за инвестиционо одржување.

За тековните активности информираше градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој упати благодарност до екипите на ЈПДП, директорот Коце Трајановски и ЈП „Македонија пат“ – Подружница Штип за континуираната реализација на капитални инвестиции во регионот.

Според информациите кои тој ги сподели на неговиот фејсбук профил, во текот на 2025 година биле вложени 48 милиони денари за реконструкција на патниот правец од Делчево до селото Габрово, како и на дел од регионалниот пат Делчево – Пехчево.

-Со најновата инвестиција продолжува обновата на овој значаен патен правец. Инвеститор на проектот е ЈПДП, додека изведувач на градежните активности е ЈП „Македонија пат“ – Подружница Штип, информира Гоцевски.

Од Општина Делчево посочуваат дека регионалниот пат Делчево – Пехчево е од особено значење за жителите од регионот, а со реализацијата на ваквите проекти се овозможува побезбеден сообраќај, подобра поврзаност и поквалитетно секојдневие за граѓаните. вс/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан