Продолжува реконструкцијата на внатрешноста на Занаетчискиот дом во Куманово
- Во внатрешноста се спроведува санација, адаптација и се реконструира од некогашниот архив. Автентичноста целосно ќе се задржи во внатрешноста, ќе се промени водоводна и електрична инсталација, ќе се адаптира дел од просторот за поголема функционалност.
Куманово, 12 мај 2025 (МИА) - Продолжува реконструкцијата на внатрешноста на Занаетчискиот дом во Куманово во поранешен архив, соопштија денеска надлежните.
-Продолжуваме со реконструкција на поранешните простории на Државен архив – Куманово, во рамки на Занаетчискиот дом, информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

Во внатрешноста се спроведува санација, адаптација и се реконструира од некогашниот архив. За реализација на проектот, Општината од буџетот во 2024 година одвои 9.097.375 денари со данок на додадена вредност. Како што е наведено на системот за јавни набавки, претходно избраната компанија го добила тендерот и за поставување на заштитно скеле за одржување на безбедноста на минувачите, за што од буџетот беа одвоени 899.514 илјади денари.
Внатрешноста се реконструира со претходно добиено одобрение од Министерство за транспорт и врски бидејќи се работи за објект за посебно значење од градот, споменик на културата, со претходно одобрено конзерваторско одобрение, информираа претходно од секторот за урбанизам од општина Куманово. Тие појаснуваат дека автентичноста целосно ќе се задржи во внатрешноста, ќе се промени водоводна и електрична инсталација, ќе се адаптира дел од просторот за поголема функционалност.

Домот на занаетчиите е дело на рускиот архитект Владимир Антонов, изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба во 1930 година. Објектот е еден од најрепрезентативните, белег на Куманово. Изграден во периодот меѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град. На иницијатива на занаетчискиот еснаф во декември 1923 година била донесена одлука за активирање на фонд за изградба на домот. Камен темелник на занаетчискиот дом бил ставен при крајот на мај 1930 година, во време на светска економска криза. Објектот бил изграден за шест месеци. ам/мд/
Фото: Општина Куманово