• петок, 22 ноември 2024

Продолжува Министерската конференција за одржливо управување со миграции

Продолжува Министерската конференција за одржливо управување со миграции
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Во Скопје денеска продолжува дводневната Министерска конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан, чиј организатори се Министерството за внатрешни работи и Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ). Вчера во обраќањето на Конференцијата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека важноста која МВР им ја придава на меѓународната соработка и на стратешко и на оперативно ниво во менаџирањето на миграциските текови, е дотолку поголема бидејќи има повеќе проекти кои се реализираат токму со поддршка или во соработка со ИОМ, со агенциите на Обединетите нации, и со други партнери кои имаат за цел да придонесат кон подобро владеење со миграцијата, зајакнати национални системи за управување со миграции и реадмисија, ефикасно управување со границите и справување со прекуграничните безбедносни ризици, истакнал министерот Спасовски во поздравното обраќање пред присутните. - Верувам ќе се сложите со мене дека нелегалните миграции се секојдневна тема на дискусија и дејствување на полициските служби во нашиот регион и во Европа, каде притисокот и транзитот на нелегалната миграција преку западно – балканската рута и во 2022 година останува висок, а криминалниот пазар со криумчарење мигранти поради побарувачката за криминални услуги и понатаму е привлечен и профитабилен за криминалните групи.  И низ т.н. Балканска рута, регистрираме мрежи на организирани криминални групи кои ги користат сите можности за да се стекнат со големи суми на пари заработени на криминален начин, истакна Спасовски. На нашата јужна граница, нагласи министерот Спасовски, веќе седум години споделуваме искуство на заедничко работење со странски полициски службеници преку континуираното имплементирање на меѓународната заедничка операција со помош на ИОМ во која учествуваат колеги од осум европски земји, од кои седум се членки на Европската Унија со максимален број од 160 распоредени странски полициски службеници. Тој потенцира дека со потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС помеѓу земјава и Европската Унија се отвора можноста за распоредување на персонал на Мисијата на наша територија. - Со тоа дополнително ќе бидат регулирани и прецизирани политиките и практиките за заштита на границите, што, пак, ќе придонесе за јакнење на капацитетите за контрола на миграциите, особено на нелегалните. Истото несомнено ќе доведе до одржливи и трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани и граѓаните на Унијата, порача Спасовски. Спасовски нагласи и дека клучна активност на нашиот пат натаму во одржливото управување со миграциите во Западен Балкан, претставува напредокот во реализирање на меѓународната прекугранична соработка, зацврстена меѓународна доверба, зголемена размена на информации, која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа и напредокот во европските интеграции уште побрз. Според на најавите денеска Спасовски на маргините на Конференцијата ќе има средби со чешкиот прв заменик премиер и министер за внатрешни работи Вит Ракушан, со црногорскиот министер за внатрешни работи Филип Аџиќ и со генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино. Вчера Спасовски се сретна со министерот за безбедност на Босна и Хецеговина, Селмо Цикотиќ, како и со холандскиот специјален претставник на миграција, амбасадорот Јост Кларенбек. сп/нд/

Остани поврзан