• петок, 22 ноември 2024

Продолжуваат протестите и блокадите на земјоделците во централна и северна Грција

Продолжуваат протестите и блокадите на земјоделците во централна и северна Грција

Атина, 28 јануари 2024 (МИА) – На различни локации во северна и централна Грција и денеска продолжија протестите на земјоделците, а симболични блокади поставија во близна на градот Ламиа на автопатот кон Атина, како и пред Халкидики на автопатот од Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките земјоделци минатата седмица ги започнаа нивните протести, а секојдневно се зголемува бројот на трактори што се приклучуваат на поставените блокади, кои засега се симболични и не предизвикуваат сериозни проблеми во сообраќајот на автопатите.

Единствено на Халкидики, на два часа, беше затворен патот од Солун кај Неа Мудања. 

Земјоделците што се во близина на Ламиа симболично и кусо го затворија автопатот кон Атина, а во градот Лариса претпладнево со тракторите стигнаа до централниот плоштад, каде што најверојатно ќе останат во следните 24 часа.

Според најавите, земјоделците ќе продолжат со протестите, а веројатно е дека ќе одржат голем собир во Солун за време на саемот Агротика што почнува в четврток.

Земјоделците, меѓу другото, бараат надоместоци поради намаленото производство предизвикано од непогоди и болести; изградба на инфраструктурни проекти за заштита од временските неприлики и намалување на трошоците за производство, но и за помош за штетата нанесена од невремето на почетокот на септември. 

Според грчките медиуми, за попладнево премирот на Грција Кирјакос Мицотакис закажал широк министерски состанок за протестите на земјоделците и нивните барања. ср/паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан