• понеделник, 25 ноември 2024

Продолжи седницата за Законот за организација на државната управа, во тек пауза од еден час

Продолжи седницата за Законот за организација на државната управа, во тек пауза од еден час

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Во Собранието вечерва продолжи пленарната седница на која се расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка. За збор се пријавени 19 пратеници. По само четириесетина минути работа, повторно е дадена пауза од еден час на барање на пратеникот на „Левица“ Борислав Крмов. Вечерва втор пат на негово барање се одржуваат паузи од по еден час. 

Во расправата, пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ рече дека овој закон се носи од политички мотиви односно да се олесни политичкиот договор за полесно креирање на владината коалиција и за носење на други закони со двотретинско мнозинство.

- Предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше намалување на бројот на министерствата, а сега имаме предлог за нивно зголемување. Ваков сложен и системски закон кој треба да се носи во редовна постапка со соодветна анализа и проценка на ефектите како од финансиски, така и од кадровски аспект, се носи во скратена постапка без соодветните анализи, рече Ковачевски.

Промените се прават површно и паушално, а според Ковачевски, за тоа говори изјавата на претседателот на „Беса“ Билал Касами дека градинките биле ставени под Министерството за образование, а сега се вратени во Министерството за труд.

Ковачевски рече дека овде не се предвидени оние институции за кои има лекс специјалист и дека создавањето на четирите нови министерства го прави буџетирањето посложено.

- Не се унапредува ниту отчетноста, а воопшто не се намалуваат ниту органите на државната управа, напротив се зголемуваат, рече Ковачевски.

Критики за законот изнесоа и пратениците од „Левица“ Реџеп Исмаил и Борис Крмов, кој пак смета дека се прекршени и собраниските процедури. 

Венко Филипче од СДСМ смета дека законот треба да се носи во редовна постапка и да се преиспита одлуката за формирање на Министерство за спорт, додека според неговиот сопартиец Фатмир Битиќи, зголемување на бројот на министерствата не води до ефикасност.

- Повеќе институции доведува до поголема бирократија, неефикасност, ќе се создаде хаос, конфузија и недостаток на одговорност. Многу институции само се преименуваат. Се создава илузија на реформите, рече Битиќи.

Претходно, Предлог-Законот се разгледуваше на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија, а попладнето беше изгласана потребата за негово носење. ев/бак/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан