• сабота, 21 декември 2024

Прогласот за семакедонско обединување го потпиша и огранокот на Партијата на слободата за Мала Преспа

Прогласот за семакедонско обединување го потпиша и огранокот на Партијата на слободата за Мала Преспа

Дебар, 19 јули 2024 (МИА) - Прогласат на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија - друштво „Преспа“  за семакедонско помирување и обединување го поддржа и огранокот за Мала Преспа, на Партијата на слободата  на поранешниот претседател Илир Мета.

Потпис врз документот стави локалниот партиски лидер Панди Јани, познат активист за правата на Македонците.

- Обединувањето на Македонците во Албанија станува реалност. Панди Јани докажан борец, млад, енергичен и секогаш на вистинска македонска страна. Го поддржа и потпиша прогласот на друштвото „Преспа“ во име на огранокот за Мала Преспа на Партијата на Слободата, стои во објавата на друштвото.

Претходно Прогласот го потпишаа Никола Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден“ - Тирана и Бесник Хасани на МД „Мост“ - Голо Брдо.

Од друштвото информираат дека почнале со одржување средби со Македонците за да ги запознаат со новата стратегија на делување и формирање одбори на друштвото.

- Средба одржавме со жителите на селото Туминец на која ги презентиравме целите, задачите и новата стратегија за понатамошно делување на организацијата. Исто така, беше конституиран и одборот за село Туминец, додаваат од друштвото.

На средбата присуствувале првиот човек на друштвото, Едмонд Темелко, како и членовите Спиро Малевски, Елеонора Мазенковска, Ѓорѓи Андон и Маријана Терпо.

- Тие го изнесоа ставот дека единството на Македонците е од суштинско значење во битката за правата на Македонците и заштита на нивниот национален идентитет, јазик, култура традиции. Обединети и единствени сме посилни, порачале на средбата. вт/мд/

Фото: Друштво „Преспа“


 
 
 
 

 

Остани поврзан