• четврток, 21 ноември 2024

Притворен криумчарот кој ја предизвика несреќата со мигрантите со четворица загинати кај грчкиот остров Кос

Притворен криумчарот кој ја предизвика несреќата со мигрантите со четворица загинати кај грчкиот остров Кос

Атина, 18 октомври 2024 (МИА) – Мерка притвор му е одредена на криумчарот, кој воедно управувал со глисерот со мигранти и предизвика несреќа во близина на грчкиот остров Кос во вторникот, при што животот го загубија две жени и две деца, објави грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Според изворите на ЕРТ, 38-годишниот во исказот пред судија и обвинител и вчера и денеска негирал секаква одговорност за несреќата, тврдејќи дека тој не е управувал со глисерот и одбил да ја каже земјата на потекло.

Мнозинството од спасените бегалци, го посочиле уапсениот дека е криумчар, по што му бил одреден притвор.

За несреќата во која животот го загубија мајка и нејзините две малолетни деца и уште една жена, а беа спасени 27 лица, од крајбрежната служба на Грција, како што во средата објави МИА, соопштија дека глисерот се превртел во обид да избегне патролен брод и да не застане на звучните и светлосни сигнали, а наместо тоа ја зголемил брзината и извршил опасни маневри со резултат да ја изгуби контролата и да се преврти.

Двајца членови на екипажот на патролниот брод на крајбрежната служба веднаш влегле во море за да ги спасат луѓето и биле извлечени вкупно десет лица, од кои две жени и две деца биле во бессознание.

Веднаш им била укажана прва помош и биле пренесени во пристаништето Кос, а оттаму со возило на Брза помош префрлени во болница, каде што била констатирана смрт. ср/рп/

Остани поврзан