• недела, 22 декември 2024

Пристигнаа 250 илјади дози „Фајзер“ како донација од Италија

Пристигнаа 250 илјади дози „Фајзер“ како донација од Италија
Скопје, 7 февруари 2022 (МИА) - Вкупно 250 илјади дози вакцина против Ковид-19 од производителот „Фајзер“ пристигна денеска во земјава, како прв дел од донацијата од Италија, што се реализира преку механизмот Ковакс и УНИЦЕФ, а в среда се очекува да пристигне и втората пратка. Министерот за здравство Беким Сали се заблагодари за донацијата на италијанската влада и им порача на граѓаните дека Министерството за здравство во континуитет се грижи да имаме доволен број на вакцини.

- Министерството за здравство во континуитет се грижи за да имаме доволен број на вакцини. Вакцините се сигурни, безбедни и на сигурно место во Институт за трансфузиологија. Се знае, преносот на вакцините се прави со ладен ланец до сите пет точки коишто ни се битни во државата и оттаму секако апликацијата оди преку одредени адреси, односно точки за вакцинација, рече Сали по примопредавањето на донацијата пред Институтот за трансфузилогија.

Тој посака оваа акција од Министерството за здравство, за примање на прва, втора, но и трета доза вакцина да биде општо прифатена од страна на нашите жители, затоа што како што рече, единствениот начин за заштита против Ковид-19 во моментов е вакцинацијата. Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри информираше дека втората пратка од оваа италијанска донација ќе пристигне в среда. Како што посочи, се работи за најголема донација која една држава ја има направено на Северна Македонија. - Оваа акција е дел од нашите стремежи, нашите заложби да им помогнеме на пријателските земји да се справат со пандемијата, но во конкретниот случај се работеше за посебно внимание кое ние го имаме кон Северна Македонија. И оваа акција се придружува на сето она што ЕУ го прави за Северна Македонија, и чија што земја членка сме и ние Италија, рече италијанскиот амбасадор по примопредавањето на донацијата. Тој исто така се придружи на апелот на министерот да се продолжи кампањата за вакцинација. - Како што знаете, Италија беше земјата која најмногу од сите, прва од сите беше погодена со оваа пандемија и ја спроведе вакцинацијата. И благодарение на оваа масовна кампања за вакцинација, која ја спроведовме, успеавме да се справиме со пандемијата. Во моментов, ние успеавме да вакцинираме околу според соодветните возрасни категории, 85 до 95 проценти од населението, додаде амбасадорот Силвестри.

Артур Ајвазов,од канцеларијата на УНИЦЕФ се приклучи на амбасадорот и министерот со нивните пораки во апелот до населението да се вакцинира. Тој и порача на целата популација да се вакцинира, укажувајќи дека вакцините се безбедни.

Ајвазов воедно упати и апел децата да продолжат со редовното вакцинирање против сите детски болести. бт/сп/

Остани поврзан