• недела, 17 ноември 2024

Прилеп со богата програма за одбележување на празникот 11 Октомври

Прилеп со богата програма за одбележување на празникот 11 Октомври

Прилеп, 8 октомври 2024 (МИА) - Со богата програма Прилеп ќе ги одбележи празникот 11 Октомври и 83 - годишнината од Народното востание. Во програмата се опфатени повеќе настани.

Вечер од 19:30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ концерт ќе одржи Ансамбл Македонија.

В среда, на 9 октомври, од 18 часот на стадионот кај Могилата на непобедените ќе се одржи хуманитарен настан „Сплотени за Никодим“. Истовремено, во градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде Вечер на родољубива поезија, а од 20 часот во прилепскиот музеј ќе се отвори изложба на фотографии „Златниот антички наод“ од село Тремник, Неготино.

На 10 октомври, во пресрет на Празникот, напладне на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ учениците од прилепските училишта ќе го формираат македонското знаме. Од 18,30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е изложбата на дела од Владимир Лукаш.

Централната манифестација за одбележувањето на 11 Октомври е од 19 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“. Ќе настапи КУД „Пере Тошев“. Со традиционалниот импровизиран напад и огномет градот се потсетува на виорните времиња од 11 октомври 1941 година кога со нападот на тогашната полициска станица, Участакот, е означен почетокот на Народното востание и ослободителната борба против фашистичкиот окупатор.

На Празникот, почит ќе им биде оддадена на загинатите борци и дејци со положување цвеќе и поклон пред криптата на Могилата на непобедените, во Алејата на народните херои, пред спомениците на Методија Андонов Ченто и на Кузман Јосифоски-Питу во центарот на градот.

На Празникот, во просториите на Црвениот крст ќе се одржи крводарителска акција, а на булеварот „Гоце Делчев“ ќе биде изложбата на автомобили.

Од 9 до 12 октомври, во рамките на програмата за одбележување на 11 Октомври, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ ќе се одржува Фестивал на медот, а на 12 октомври на платото пред Градскиот саат ќе биде Саемот на земјоделски производи. ем/ев/

ФОТО:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан