• понеделник, 18 ноември 2024

Прилепските ученици го формираа македонското знаме, почнаа чествувањата за 11 Октомври

Прилепските ученици го формираа македонското знаме, почнаа чествувањата за 11 Октомври

Прилеп, 10 октомври 2024 (МИА) - На плоштадот „Матодија Андонов Ченто“ во Прилеп денеска околу 1200 основци и средношколци го формираа македонското знаме во чест на националниот празник „11 Октомври“.

Формирањето на знамето е традиција воспоставена во 2010 година, иако имаше прекин од пет години во време на пандемијата.

- Оваа традиција за формирањето на знамето во пресрет на националниот празник 11 Октомври е воспоставена 2010 година и со оној прекин од пет години, се изведува до денеска. Знамето што го формираат учениците е со димензии 24 на 12 метри. Во секој квадратен метар учествуваат по 4 дечиња од основните и од средните училишта од градот и од руралните средини. Го симболизира востанието на 11 октомври што почнало во Прилеп против фашистичкиот окупатор, изјави Златко Думбалоски, наставник и координарот за формирањето на знамето.

Думбалоски ја нагласи иницијативата до Советот на општината да донесе одлука секој понеделник наставните часови да почнуваат со изведување на химната.

- Иницијативата е секој понеделник во основните и во средните училишта пред почетокот на часовите да се изведува химната. Секако имаме јарболи во училиштата па да се интонира химната пред почетокот на часовите и да се подигнува државното знаме, рече Думбалоски.

Општината ја поздравува традицијата на формирањето на знамето во пресрет на 11 Октомври. Советот ќе донесе предлог одлука за интонирање на химната пред почетокот на часовите секој понеделник, за што треба да гласаат советниците.

- Со голема чест и гордост денес ја продолжуваме традицијата за формирањето на знамето во пресрет на празникот. Возобновувањето на оваа традиција ја покажува љубовта кон татковината која сакаме да ја негуваме заедно со нашите млади генерации. Што се однесува до иницијативата секој понеделник пред часовите во училиштата да се интонира химната постои расположение во советот на Општината. За тоа дискутиравме и за брзо време ќе излеземе со предлог-одлука пред советниците и се надевам дека ќе биде прифатена, рече Ирена Стерјоска Локвенец, претседателка на Советот на општина Прилеп.

Вечер од 19 часот е централната прослава за празникот 11 Октомври. Ќе има богата програма на камената бина на плоштадот „Александрија“, посета на меморијалниот музеј „11 Октомври“, некогашниот Участак и традиционален импровизиран напад на градот со богат огномет како потсетување на историските настани на 11 октомври 1941 година кога со нападот на тогашната полициска станица-Участакот е означен почетокот на народното востание и антифашистичката борба во Втората светска војна. ем/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан