Трајков - Бока: Унгарија останува целосно да ја поддржува нашата земја во евроинтегративниот пат
- Перспективите за проширување на Европската унија и понатамошното зајакнување на стратешката соработка помеѓу Северна Македонија и Унгарија во рамките на пристапниот процес на Македонија кон ЕУ, беа главна тема на разговорот меѓу заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков со унгарскиот министер за европски работи, Јанош Бока.
Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) - Перспективите за проширување на Европската унија и понатамошното зајакнување на стратешката соработка помеѓу Северна Македонија и Унгарија во рамките на пристапниот процес на Македонија кон ЕУ, беа главна тема на разговорот меѓу заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков со унгарскиот министер за европски работи, Јанош Бока.
Како што соопшти Министерството за европски прашања, на средбата Трајков и Бока ја истакнале значајната поддршка што Унгарија ја дава на нашата земја, особено во поглед на европската агенда.
Министерот Бока истакнал дека македонската Влада, преку спроведување на неопходните реформи покажува силна волја за европските интеграции, а Унгарија е подготвена да ја сподели својата експертиза и искуства за да помогне во тој процес.
Заменик министерката за европски прашања, Трајков потенцирала дека приоритетот на Владата е интензивирање на реформите, особено во клучните области како што се владеењето на правото, јавната администрација и борбата против корупцијата.
Таа посочила дека поддршката од земји - членки на ЕУ, како што е Унгарија, е од исклучителна важност за да се забрза пристапниот процес и да се постигнат конкретни резултати. Трајков додала дека соработката со Унгарија е од голема корист во насока на спроведувањето на европските стандарди.
Покрај разговорите за евроинтеграциите, двајцата соговорници дискутирале и за можностите за зголемување на економската соработка меѓу двете земји. Тие се согласиле дека отворањето нови економски можности ќе придонесе за натамошен развој, како и за поголема конкурентност на нашата држава на европскиот пазар.
На крајот од средбата, како што е наведено во соопштението, Трајков и Бока се согласиле дека соработката и пријателството помеѓу двете земји продолжува и понатаму, а Унгарија останува целосно да ја поддржува нашата земја во својот евроинтегративен пат. дма/са/
Фото: Министерството за европски прашања