• вторник, 30 април 2024

Претставници на ФИФА остварија посета на ФФМ Академија

Претставници на ФИФА остварија посета на ФФМ Академија

Скопје, 1 април 2024 (МИА) - ФИФА претставниците, Томас Данилевичиус, во улога на регионален технички консултатнт за Европа и Јург Непфер, во улога на сениор консултатнт за фудбалски развој, во периодот од 25 до 28 март беа во работна посета на „Куќа на фудбалот" и академијата на ФФМ.

Гостите од ФИФА остварија работна средба со лицата задолжени за развој на академијата на ФФМ, на која беа презентирани проектите на ФИФА во делот за развој на фудбалската игра до 2026 година, можноста и начинот за нивно аплицирање за добивање на финансиска и материјална помош од ФИФА за нивна реализација и увид во моменталната состојба во Фудбалската федерација на Македонија во делот на техничкиот развој.

- Од топ менаџментот до лицата задолжени за техничкиот развој работат професионалци, а процесот за развој на млади таленти е чист и веќе добро структуиран. Важно е дека имате метод и знаење за тоа како да пронајдете талент и преку соодветни програми да го надградувате, се со цел во иднина да биде дел од националните селекции. Оваа наша посета првенствено беше да ги запознаеме луѓето вклучени во овој процес, да бидеме блиски со нив во иднина и како еден од стратешките партнери на федерацијата да го развиваме и имплементираме долгорочниот план за технички развој и напредок на младите фудбалери преку шемата за развој на таленти на ФИФА. Сакаме да развиеме елитни фудбалери во земјите каде што има потенцијал за понатамошен развој, а Македонија дефинитивно е една од нив. Потенцијалот овде е навистина огромен, изјави Данилевичиус за веб-страницата на ФФМ.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Наталиа Илиевска Божиновска одржаа состанок со двајцата претставници на ФИФА и дискутираа за важноста на развојот на младинскиот фудбал.

Томас Данилевичиус и Јург Непфер, исто така остварија работни состаноци за различни теми со Зоран Стратев - технички Директор на ФФМ,  Жарко Игњатовски - менаџер на секторот за меѓународен фудбал и развој, Аница Трајкова - одговорна за женскиот фудбал во ФФМ. зс/

Фото. ЕПА

Остани поврзан