• понеделник, 23 декември 2024

Претставници на полициите од 24 европски метрополи на средба во Тирана

Претставници на полициите од 24 европски метрополи на средба во Тирана

Тирана, 19 април 2023 (МИА) - Во Тирана почна 43. Конференција на полициите на 24 европски метрополи, на која прв се обрати албанскот министер за внатрешни работи Бледи Чучи, кој изрази благодарност за ангажманот на полициските службеници од земјите учеснички, оценувајќи притоа дека Албанија дава вистински придонес за безбедноста на Унијата.

- Сметам дека оваа платформа е одлична можност да разговараме за тоа како можеме да ја координираме работата меѓу себе за да ја зголемиме кохезијата на напорите за да им служиме на граѓаните во нашите земји, а со тоа и низ европскиот континент. Убеден сум дека се согласувате дека Албанија, иако сè уште не е земја членка на ЕУ, има реален и мерлив придонес за безбедноста на Унијата како активен учесник во заедничките полициски операции и справувањето со другите предизвици поврзани со владеењето на правото и јавната безбедност, рече Чучи.

Како пример го посочи, како што рече, фактот што Албанија прва на Западен Балкан го потпиша договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), „која продолжува да биде многу успешна во управувањето со граничните и миграциските текови насочени кон надворешните граници на Европска унија“.

- Исто така познато е дека одамна ја поминавме фазата кога само со нашите партнери разменувавме информации за истрага и сузбивање на криминалните групи. Денес сме активни учесници и со водечка улога во Заедничките истражни тимови и во меѓународните операции за разбивање криминални групи. И ова никако не е случајна фаза, туку значаен доказ за довербата што ја создадоа европските партнери во Албанија, што не прави уште поодговорни, истакна Чучи.

Тој посочи дека „денес живееме во динамичен свет со флуидни граници, со хибридни ризици и во брза еволуција, каде што дури и организираниот криминал е актер кој не познава држава или пасош“.

- Со феномен од овие размери може да се бориме само ако ги координираме нашите сили и капацитети на ист начин, без граници и пасоши. И имајќи ја предвид оваа визија, со гордост можам да кажам дека албанската државна полиција денес е меѓу институциите со најголема доверба во јавноста, тоа е потврдено и според студиите направени од нашите партнерски земји. Во последните години вработивме околу 3.000 млади лица, намалувајќи ја просечната возраст на нашите вработени, тренд кој ќе го задржиме за да го достигнеме просекот на земјите од ЕУ. Во исто време, многу сме фокусирани на зголемување на квалитетот на полициското образование и обука за младите кои се приклучуваат на службата. Оваа амбиција ја конкретизираме со партнери како Италија, за да може Академијата за безбедност да биде во редот на нејзините европски сестри, нагласи тој.

Чучи зборуваше и за предизвиците на албанската државна полиција, нагласувајќи ја неопходноста од технологијата за зголемување на квалитетот и намалување на криминалитетот, како и зајакнување на кибер-безбедноста.

- Со оваа панорама, убеден сум дека денот ќе продолжи на плоден начин, отворено да се разговара и да се изнајдат практични решенија за предизвиците со кои се соочува полицијата во сите ваши земји. Ви посакувам добра работа на конференцијата и се надевам дека ќе имате доволно време да ја посетите и да уживате во Тирана, која ве пречекува во сите нејзини димензии, рече Чучи.

Целта на тридневната конференција е продлабочување на соработката за зголемување на безбедносните параметри меѓу земјите. вт/паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан