Претставени резултатите од реконструкцијата РЦСО „Ванчо Питошески“
- Вложувањето во подобрување на условите за настава, преку реконструкција на објектот и опрема, но и обука на наставниот кадар се очекува да резултира со стручен кадар во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“, кој ќе одговори на потребите на угостителско-туристичкиот сектор и ќе ја движи економијата. Тоа беше посочено на денешната презентација на придобивките за стручното образование во РЦСО „Ванчо Питошески“, во рамките на проектот „ЕУ за млади“.
Охрид, 13 јуни 2025 (МИА) - Вложувањето во подобрување на условите за настава, преку реконструкција на објектот и опрема, но и обука на наставниот кадар се очекува да резултира со стручен кадар во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“, кој ќе одговори на потребите на угостителско-туристичкиот сектор и ќе ја движи економијата. Тоа беше посочено на денешната презентација на придобивките за стручното образование во РЦСО „Ванчо Питошески“, во рамките на проектот „ЕУ за млади“.
Инвестирањето во образованието, особено во стручното, за заменик градоначалничката на Општина Охрид Ана Крстеска, е најдобрата инвестиција за иднината на охридскиот регион.
- Учениците се двигателите на иновациите, креаторите на нови туристички понуди и гаранти за висококвалитетна услуга. Затоа, да ја препознаеме и да ја цениме улогата на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“. Да го поддржиме неговиот развој, да обезбедиме соодветни услови за работа и учење и да продолжиме да вложуваме во нашите млади луѓе. Тие се нашата најголема предност во развојот на туризмот, а училиштето „Ванчо Питошески“ е клучот за отклучување на нивниот потенцијал, рече Крстеска.

Реформата за регионалните ВЕТ центри, според Ивана Поповска Батиниќ, претставник на Министерството за образование и наука, е долг процес кој бара голема инвестиција.
- Свесни сме колку е значајно да се има добри услови, а уште поважно добра опрема за работа. Од таа перспектива државата го препозна потенцијалот и барањата да се овозможат такви услови. Реформата за воспоставувањето на овие регионални центри е најдоброто нешто во државава, рече Поповска Батиниќ.
Целта на трансформациите во стручното образование и обуките, како што истакна претставничката на Делегацијата на ЕУ, Александру Албу, е зголемување на вработеноста и привлекување ученици и наставници во стручното образование, кое, како што нагласи, веќе нема да се гледа како образование за слаби ученици, но и да се зголеми интересот за образование кај возрасните.
- Сите наставници во стручното образование завршија просечно над 26 дена професионален развој и 13 дена пракса во компании исполнувајќи и надминувајќи ги посветените стандарди. Нашиот административен и технички персонал покажа извонредна посветеност со просечно 32,8 дена обука. Важно да се напомене дека 80 отсто од тимот е обучен за инклузивно образование, обезбедувајќи поддршка и охрабрување за ученик без разлика на неговите потреби. Оваа посветеност на квалитетот се одразува и во наставата на програмата. „Ванчо Питошевски“ сега нуди обуки во повеќе од 10 занимања од кои многу се реализирани преку дуалното образование, рече Албу.
Директорот на РЦСОО „Ванчо Питошески“, Тони Андрески информираше дека во тек е набавка на опрема за подобрување на квалитетот на наставата, во склоп на која била изработена проектна документација и поднесена до соодветните институции кои треба да спроведат тендерската постапка.
- Во последните три години се зголемува бројот на запишани ученици во регионалниот центар. Во учебната 2024/2025 година воспитно образовниот процес го следеа 233 ученици распоредни во 19 паралелки, при што се забележува зголемување на запишани ученици за околу шест отсто. Кадарот што го произведува нашето училиште е дефицитарен на пазарот на труд. Работодавачите од секторот ја нагласуваат потребата од вработување стручно оспособен кадар. Дополнителен проблем е што постоечкиот кадар ја напушта нашата држава поради што постои дефицит во секторот, истакна Андрески.
Во рамките на концептот за развивање на регионални центри за стручно образование и обука од декември 2021 почна целосна реконструкција на училишната зграда и ученичкиот дом, промена на кровната конструкција, енергетски ефикасна зграда, реконструирање на постоечки училници и кабинети, како и набавка на опрема. Реконструкцијата и рехабилитацијата на зградата на РЦСОО „Ванчо Питошески“ како и ученичкиот дом се реализира со средства од Европската унија од околу 1,7 милиони евра. сс/дма/
Фото: МИА