• недела, 22 декември 2024

Претседателот Пендаровски оствари средба со „Вајмарската тројка“

Претседателот Пендаровски оствари средба со „Вајмарската тројка“

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Преговарачкиот процес на Северна Македонија за членство во ЕУ, имплементацијата на задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка, како и за можностите за забрзување на евроинтеграцијата на земјава, биле теми на разговор на средбата на претседателот Стево Пендаровски со министерката за Европа на Сојузна Република Германија, Ана Лирман, државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Француската Република, Лорeнс Бун и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк, познати како „Вајмарска тројка“.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, истакнал дека државата останува посветена на започнатиот преговарачки процес и на спроведувањето на сите неопходни реформи, посочувајќи дека членството во ЕУ е наш стратешки интерес и неопходна е силна политичка волја од страна на сите политички фактори со цел исполнување на преземените обврски.

Покрај неопходните уставни промени, била нагласена важноста од владеење на правото, изградба на функционална правна држава, како и поуспешна борба со организираниот криминал и корупција.

Соговорниците на средбата размениле мислења и за актуелните политички случувања во земјава и регионот. дма/ев/

Фото: Претседател на Република Северна Македонија

Остани поврзан