Претседателот на МД „Илинден", Никола Ѓурѓај, учествува на Конгресот на ФУЕН
- Претседателот на македонското друштво „Илинден"- Тирана учествува на 69. Конгрес на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), кој денеска попладне почна во Болзано, Јужен Тирол, Италија.
Тирана, 23 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на македонското друштво „Илинден"- Тирана учествува на 69. Конгрес на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), кој денеска попладне почна во Болзано, Јужен Тирол, Италија.
-Највисокиот собир на ФУЕН ќе трае до 26 октомври а домаќин е Јужнотиролската народна партија, како рамноправна членка на унијата. Да потсетам дека нашето друштво рамноправна членка е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства при ФУЕН, рече Ѓурѓај за МИА.
Присуствуваат претставници на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи од цела Европа.
Конгресот ќе се фокусира на дискусии за актуелните случувања во политиката на малцинствата, средбите со регионот домаќин и неговите модели за заштита на малцинствата, како и идниот развој на ФУЕН.
На сите досегашни Конгреси друштвото „Илинден" е редовен учесник и подносител на резолуции за положбата на Македонците во Албанија.
- И сега имаме поднесено резолуција за унапредување на правата на Македонците во Албанија. Очекуваме, како и претходните резолуции за положбата на Македонците да биде едногласно усвоена, нагласи Ѓурѓај.
Друштвото редовно има и свој штанд на саемот на учесниците, на кој презентира македонски традиционални јадења, пијалаци, како и примероци од весникот " Илинден" и монографиите со македонски народни носии од сите делови на Албанија. вт/ац/
Фото: МД"Илинден"-Тирана