• недела, 22 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија, Узлем Џанел

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија, Узлем Џанел

Скопје, 29 август 2024 (МИА) - Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија, Узлем Џанел. На церемонијата на предавање на акредитивните писма, што се одржа во Вила Билјана во Охрид, претседателката Сиљановска Давкова изрази особено задоволство од високо-развиените билатерални односи меѓу двете држави, кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог и партнерски односи за што говори и минатогодишното одбележување на значајниот јубилеј - 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и успешна соработка, информираат од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Претседателката се заблагодарила за конзистентната поддршка од пријателска Холандија, која, како што рекла од осамостојувањето е еден од најголемите донатори и силен поддржувач на европскиот процес на нашата држава.

-Холандија континуирано ни помага во реформите на судството, владеење на правото и јавната администрација, со цел да обезбедиме силни и независни институции, кои се столб на секоја европска демократија. Холандскиот „строг и фер“ принцип се покажа како одлична формула за суштинска имплементација на реформската агенда и постигнување на европските стандарди во нашата земја, рекла Сиљановска Давкова.

Истакнувајќи дека нашата држава придава големо значење и на силните партнерски односи кои се негуваат во рамките на НАТО, особено во време кога се соочуваме со сериозни глобални безбедносни предизвици и геополитички преструктуирања, таа нагласила дека нашата држава останува посветена на остварувањето на стратешките приоритети, изразувајќи увереност дека европската и евроатланската перспектива е гаранција за просперитет, стабилност и благосостојба на целиот регион и Европа.

Во обраќањето на церемонијата, амбасадорката Џанел истакнала дека е почестена што е назначена како амбасадорка во нашата држава и што ѝ е дадена можност да даде свој придонес во одличните и посебни односи кои постојат меѓу двете држави и народи.

Амбасадорката Џанел рекла дека со текот на годините нејзината земја има обезбедено значајни финансиски средства за поддршка на социјалната кохезија и меѓуетничките односи, доброто владеење, владеењето на правото, образованието, здравството и управувањето со јавните финансии. Таа посочила дека во моментов во нашата држава работат близу 180 холандски компании кои обезбедуваат работни места за над 5000 граѓани и воедно ја зголемуваат видливоста на нашата држава на меѓународниот пазар.

Холандската амбасадорка нагласила дека стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан ќе продолжи да биде од клучна важност за Холандија, а во однос на остварувањето на стратешката цел на нашата држава - членството во Европската Унија, таа истакна дека Холандија ќе продолжи да очекува стриктно почитување на Копенхашките критериуми пред приемот и дека не постои простор за отстапки или скратени постапки.

-Напредокот во областа на владеењето на правото, економските критериуми и реформата на јавната администрација ќе продолжат да ја одредуваат брзината на пристапните приговори поединечно за секоја земја-кандидат. Задачата која претстои бара одговорност, посветеност и видливи резултати од ваша страна. Само тогаш поддршката за овие реформски напори која ја обезбедуваат Европската Унија и Холандија ќе може да има трајни резултати, рекла амбасадорката Џанел. сст/са/

фото кабинет на претседател на РСМ

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан