Премиерот на Гренланд вели дека не е планирана средба со американската делегација
- Премиерот на Гренланд во заминување, Муте Егеде, денеска на Фејсбук објави дека нема да се одржи средба меѓу преодната влада на Гренланд и високата американска делегација, која треба да ја посети земјата подоцна оваа недела. Ова соопштение доаѓа поради загриженоста за намерите на САД кон оваа територија, јави ДПА.

Нук, 24 март 2025 (МИА) - Премиерот на Гренланд во заминување, Муте Егеде, денеска на Фејсбук објави дека нема да се одржи средба меѓу преодната влада на Гренланд и високата американска делегација, која треба да ја посети земјата подоцна оваа недела. Ова соопштение доаѓа поради загриженоста за намерите на САД кон оваа територија, јави ДПА.
Според соопштението на Белата куќа, Уша Ванс, сопругата на американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, ќе го посети автономниот дански регион в четврток, придружувана, според медиумите, од советникот за национална безбедност Мајк Волц. Претседателот Доналд Трамп повеќе пати изрази интерес за преземање на Гренланд од безбедносни причини и поради неговите стратешки минерали.
Ванс и нејзиниот син планираат да посетат историски локалитети за да се запознаат со наследството на островот и да присуствуваат на традиционални трки со кучиња на санки во Сисимјут на западниот брег. Егеде нагласи дека оваа посета не може да се смета за чисто приватна. „Добро разбирам дека може да постои загриженост“, напиша тој, додавајќи дека Гренланѓаните неодамна биле третирани на неприфатлив начин, несоодветен за блиски пријатели и сојузници.
Синот на Трамп, Доналд Трамп Помладиот, го посети главниот град Нук во јануари, привлекувајќи медиумско внимание. Пред една недела, стотици Гренланѓани протестираа во Нук и други центри против плановите на Трамп за преземање на островот. Данска, која ги води надворешните работи и одбраната на Гренланд, инсистира дека Гренланѓаните сами треба да одлучат за својата иднина и евентуална независност од данската круна. По изборите на 11 март, на островот се формира нова коалиција, а локалните избори се закажани за 1 април. ссм/
фото: архива