• петок, 15 ноември 2024

Премиера на „Емигранти“ во Драмски театар во режија на Бузалковска

Премиера на „Емигранти“ во Драмски театар во режија на Бузалковска

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - „Емигранти“ е нова претстава на Драмскиот тетар во режија на Зоја Бузалковска по текст на Славомир Мрожек, чија премиера е закажана за 18 март. 

Бузалковска во текст по повод претставата наведува дека станува збор за брилијантнен трагикомичен текст на секогаш актуелниот Мрожек, точен и болен до коска – се лепи како магнет за секоја пукнатина во надежите, за секое изневерено очекување, за секој изгубен правец, за секој распад на општеството, на личноста.

- Да се престојува во подрумот, во сутеренот на животот... Да се биде заробеник на мечтите, илузиите, соништата, погрешно поставените тези. Да се слуша животот преку канализационите цевки и вентилационите отвори, тоа се, вели режисерката Бузалоковска, „Емигрантите“ на полскиот драматург Мрожек.

Текстот на Мрожек посочува таа, е извонредна провокација за еден веќе искусен режисер и двајца бескрајно надарени млади актери кои ги играат Дамјан Цветановски и Григор Јовановски.

Фото: Драмски театар

-Брутално реалистичната приказна би можела да биде и нејзина и нивна, истовремено. Нејзина, посочува, онаа на заточеничка во својата возраст, во своите позиции во општеството во длабока криза, во своите длабоко пуштени корени тука, во својата потреба од конечна валоризација на еден живот посветен на други, ама на некое друго место и нивната, онаа на луѓе на стартот на своите надежи и идеали, а веќе изморени од животот во општество кое тврди дека некаде оди со јасна визија каде, а всушност стои во место, откако се родиле па сè до денес, наведува таа.

Пикнати во една импровизирана соба во сутеренот на една зграда во голем европски град, двајцата емигранти АА (Дамјан Цветановски), интелектуалец со политичка предисторија и ХХ (Григор Јовановски), простодушен човек од село, физички работник, се сокриле од светот, заринкани во сопствените стравови, комплекси, наталожени сеќавања, проекции за самите себеси и претпоставки за себе како туѓи проекции, очекувања што не смеат да ги изневерат.

-Претстава - пресек на едно општество во распад. Општество на изгубени души, ќе наведе Бузалковска за „Емигранти“.

Бузалоковска со благодарност до КСП Јадро, иницијален носител на проектот и место на првата изведба на „Емигранти“ и до МКЦ, кое го овозможи континуитетот на развој и проби на патот до Драмски театар.

Покрај режијата, Бузалковска го направи и изборот на музика за претставата. Сценскиот дизајн и изведбата на сценографија е на Мартин Манев како и дизајнот на светло. Извршна продукција, дизајн на плакат и дизајн на звук е на Павле Игновски. вг/

Фото: Драмски театар

Остани поврзан