• четврток, 19 декември 2024

Преку ФИТР поддржани 1.100 проекти од 138 милиони евра, следната година фокус на зелените инвестиции (ДПЛ)

Преку ФИТР поддржани 1.100 проекти од 138 милиони евра, следната година фокус на зелените инвестиции (ДПЛ)

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) – Со 1.100 поддржани проекти со инвестиции од 138 милиони евра Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска одбележа 10 години од основањето. Фокус на работата следната година ќе биде поддршка на зелените инвестиции. Со успешното акредитирање кон Зелениот Климатски Фонд државата ќе може директно да пристапи до фондовите за оваа намена.  

На одбележувањето на јубилејот беше истакнато дека годинава државава се искачи 12 места на Глобалниот иновациски индекс, односно на 54. та позиција во споредба со 66 место во 2022 година, а 9-та на листата со најиновативни економии во групата на земји со високо-средни приходи.

-Неопходно е постојано да се вложува во развој на нови иновации и технологии за да се создадат конкурентни компании дома, но и на глобално ниво, рече директорот на ФИТР Фестим Халили.

Според него, во изминатите 10 години на ФИТР се покажало дека во државава постојат компании кои размислуваат „надвор од кутијата” и се отворени за новини и промени.

- Нивната креативност и иновативност ни покажуваат дека и нашата земја има бизнис приказни кои гордо го веат знаменцето „Made in Macedonia“, потенцираше Халили. 

Со инвестиција на ФИТР од преку 86 милиони евра во домашното стопанство, беше посочено на свеченоста, се поттикнале нашите компании да вложат 52 милиони евра во развој и напредок, со што им се овозможило да станат поконкурентни на домашниот пазар,но и да се подготват за влез на глобалните пазари.  

Вицепремиерот заекономски прашања Фатмир Битиќи истакна дека досегашната поддршка преку ФИТР од 138 милиони евра треба најмалку да се удвои во следните години, а резултатите тројно.

-Поддржаните проекти да се со голема додадена вредност, порача Битиќи.

Следниот развој на ФИТР е насочен во неговата акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што, како што рече, ФИТР ќе биде прва државна институција акредитирана за директен пристап до финансии од Зелениот климатски фонд.

-Ова е исклучително важно бидејќи ќе се овозможи поголема вклученост и поголеми финансиски средства на приватниот сектор во справувањето со климатските промени, рече Битиќи.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, денес стотици компании се поддржуваат директно од страна на ФИТР и се дава  можност на сите млади во државата да бидат рамноправни со идеја, визија, да конкуриарат не само на македонскиот пазар туку и пошироко.

-Затоа овој начин на поддршка ќе продолжи дополнително и во континуитет, рече Бектеши, упатувајќи честитки до сите домашни компании и претприемачи кои во изминатите десет години инвестирале во нивната конкурентност преку воведување  иновации и  подобрување на нивните технолошки процеси со воведување иновативен пристап. 

Претседателот на Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ) на ФИТР, Марвин Лиао го истакна своето задоволство од работата со ФИТР како и иновативните проекти кои пристигнуваат за оценување.

-Како Комитет за одобрување на инвестиции мораме да го изразиме нашето задоволство од квалитетот на проекти коишто пристигнуваат во Фондот, затоа што со тоа се докажува иновативниот капацитет на младите бизниси во Северна Македонија. Убедени сме дека ФИТР игра клучна улога во развивањето на иновацискиот екосистем преку кој се креираат нови работни места, нови иновативни продукти и конкуретна економија не само во државата, туку и на глобалните пазари, рече Лиао.

Како што укажа Битиќи, ФИТР својот вистински развој и место го добива во 2017 година, со влез на неговите програми во рамката на Планот за економски раст.

Во 2017 година конкуретноста на домашните компании преку ФИТР била поддржана со 803.000 евра, а во 2018 година, кога започнува реализацијата на Планот за раст,  се зголемила на 19 милиони евра.

-Кога сме кај реалните резултати од Планот за економски раст, ќе ги споменам и оние кои ги остваривме и преку останатите два столба, а се постигнати преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Успеавме да создадеме доверба кај компаниите, ги стимулиравме постојано да започнуваат нови инвестициски циклуси, особено тие кои се насочени кон технолошки развој, внесување на иновативни и дигитални компоненти во производствени процеси, што финализира во поголема продуктивност и конкурентност на домашните и меѓународните пазари, рече Битиќи.

По повод 10-годишниот јубилеј ФИТР додели признанија на повеќе компании во различни категории. лв/нд/

Фото: МИА; ФИТР; Влада 

 

 

 

Остани поврзан