• вторник, 14 мај 2024

Преку нови истражувања и начини за прибирање податоци до елиминирање на дискриминација и унапредување на еднаквост

Преку нови истражувања и начини за прибирање податоци до елиминирање на дискриминација и унапредување на еднаквост

Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Нови истражувања и начини за прибирање податоци кои ќе доведат до елиминирање на дискриминација и унапредување на еднаквост беа во фокусот на денешната презентација на проектот „Рамноправноста низ призма на статистиката“ што го спроведуваат Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) Гостивар и ХОПС – Опција за здрав живот Скопје.

На презентацијата на проектот, Лулзим Хазири, извршен директор на АДИ, информираше дека целта на проектот е да придонесе за елиминирање на дискриминација и унапредување на еднаквост што ќе овозможи унапредување на владеењето на правото преку дефинирање на модел за собирање податоци и систем за мерење на дискриминацијата преку инклузивен и транспарентен процес.

Тој сподели дека меѓу активностите од проектот е направен список на индикатори за мерење и анализа за видот на податоците што ги собираат институциите за мерење на дискриминација од страна на експерти во периодот од јуни до септември 2023, а една од идните активности е развој на програма за градење капацитети со цел понатамошно јакнење на сите релевантни чинители за борба против дискриминација и промовирање на еднаквоста преку собирање податоци.

- Анализата покажа дека работата и работните односи, образованието, науката и спортот се најчести области за кои се собираат податоци, додека, домувањето и културата се области во кои најмалку се собираат податоци, рече Хазири.

Хајди Штерјова Симоновиќ од ХОПС дополни дека ќе работат на методологија за собирање податоци.

- Ќе спроведуваме јавна кампања преку која ќе ја презентираме важноста од собирањето на овие податоци и подигнување на свеста за дискриминацијата со цел да се превенира, рече таа.

Според Мариа Канелопулу, прв советник, раководител на сектор во Делегацијата на ЕУ во државава, дискриминација има последици и за индивидуата и за општеството бидејќи ја тангира емоционалната благосостојба.

- Колекционирањето на статистика за дискриминација има огромно значење. Статистиките се витални алатки и мора да ја разбереме експанзијата на дискриминацијата во нашето општество, базирана на факти и она што ни го кажува статистиката, рече таа.

За да се реши ова, како што посочи, е потребна измена на легислативата како и повеќе фондови.

Директорот на заводот за статистика, Апостол Симовски, потенцираше дека има потреба во општеството да се иницираат нови истражувања и начини за прибирање податоци.

-  Промените бараат клучна подготовка која ние ја немаме. Треба стручен капацитет, рече тој.

Игор Јадровски, претседател на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација, дополни дека правењето на листата на индикаторите и методологија како ќе се мери дискриминацијата ќе помогнат за лоцирање на нови трендови во дискриминацијата, но, како што рече, и во превенцијата на истите.

-  Утврдување на систем за спроведување на овие активности е исто така значајно. Мора да бидеме реални во очекувањата и да ги поставиме очекувањата согласно реалните капацитет, рече тој.

По воведните обраќања, националната експертка Неда Чаловска и Косана Бекер, меѓународна експертка  на настанот ќе одржат презентација на листа на индикатори за мерење на дискриминација во областа на трудот, социјалната и здравствената заштита, судството и безбедноста, националните институции за човекови права, администрацијата и членството и дејствувањето во политички партии, здруженија, синдикати како и листа на индикатори за мерење на дискриминација во областа на културата, образованието, науката, спортот, пристапот до добра и услуги, домувањето, економијата и финансиите, дигитализацијата и информатичката технологија, медиумите и информациите од јавен карактер, заштитата на животната средина и управувањето со климатските промени.ар/ев/
Фото: МИА

Остани поврзан