• сабота, 21 декември 2024

Преку Буџетски форум изгласани приоритетни проекти на Општина Струмица

Преку Буџетски форум изгласани приоритетни проекти на Општина Струмица

Струмица, 18 октомври 2024 (МИА) - „Струмица безбеден град“, нова населба во „Турско маало“ трета фаза и реконструкција на Домот на култура во населеното место Банско, се трите приоритетни проектни иницијативи кои добија најмногу бодови од учесниците на годинашниот Буџетски форум во Општина Струмица, кој синоќа заврши со одржувањето на втората сесија во просториите на Младинскиот центар.

Од вкупно предложените шест проектни иницијативи од страна на граѓаните од урбаните и месните заедници, претставниците на невладиниот и бизнис секторот и општинската администрација, проектната иницијатива за „Струмица безбеден град“ доби најмногу 94 бодови, нова населба во „Турското маало“ трета фаза доби 76 и иницијативата за реконструкција на Домот на културата во Банско доби 62 бодови.

За градоначалникот Костадин Костадинов Буџетскиот форум е благодет за општина Струмица.

-Преку овој Форум сакаме да ја зголемиме партиципативната демократија на локално ниво во општина Струмица каде што граѓаните директно можат да предлагаат приоритетни проекти коишто ќе бидат составен дел на буџетот за 2025 година. Во изминатите години многу добри иницијативи произлегоа токму од овој Форум. Граѓаните многу добро знаат што им треба и на кои проекти треба да се даде приоритет во новата буџетска година, а тоа, впрочем, се гледа во Струмица-новиот јавен превоз, фотонапонските централи за коишто ЈПКД „Комуналец“ распиша јавна набавка, новиот парк, велосипедските патеки, сето тоа е производ на граѓаните и невладиниот сектор и тоа преку овие форуми на заедниците коишто се благодет за Општина Струмица, рече Костадинов.

Според него, ваквиот начин на креирање на буџетот, во кој граѓаните имаат активно учество, е уште една потврда за транспарентното и отчетно работење на Општината. рт/дма/

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан