• петок, 22 ноември 2024

Прекината комисиската седница за нов член на Уставен суд, предлог од власта професорката Јадранка Дабовиќ

Прекината комисиската седница за нов член на Уставен суд, предлог од власта професорката Јадранка Дабовиќ

Скопје, 6 ноември 2023 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја почна седницата на чиј дневен ред е Утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Таа беше прекината откако координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на почетокот на седницата во процедурална забелешка од претседателката на комисијата Марија Георгиевска побара да ја прекине оти, како што рече, според Деловникот на Собранието и Деловникот на работното тело неделовнички е свикана седницата. Тој потенцира дека поканата ја добиле во петокот, но не им биле доставени материјали за точката од дневниот ред, иако деловнички така требало да постапува Георгиевска.

-Во петокот во 17:38 часот добивме мејл на електронската пошта за свикување на 32.седница на Комисијата за избори и именувања. За седница го предлагате дневниот ред  Утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Предлог за избор на судија се уште немаме добиено, иако помина времето за почеток на седницата. Би сакал да се осврнам на членовите на Деловникот на Собранието и на Деловникот на Комисијата. Имено, Деловникот на Собранието за работа на работни тела предвидува во член 120 став 1 вели дека работното тело работи на седници, став 2 работно тело свикува претседателот на работното тело. Во ставот 4 од член 120 се вели „покана за седницата со предлог на дневниот ред и материјалите кои ќе се разгледуваат на седницата“. Поканата ја имаме добиено во 17:38 часот во петокот, а материјали немаме добиено. Претседателот на работното тело го доставува на членовите на работното тело по правило пет дена пред денот на одржување на седница. Од став 4 единствено што имате направено е дека имате доставено покана со дневниот ред. Друго ништо нема. Во итни случаи седница на работно тело може да се одржи во пократок рок, а дневниот ред може да се достави на самата седница и материјалите по однос на самата точка, рече Мицевски.

Тој ја праша Георгиевски да каже во што е итноста во оваа точка, кога, како што рече, Уставен суд не е комплетиран повеќе од година дена.

-Што е итноста во оваа точка, кога Уставен суд не е комплетиран повеќе од година дена. Во ситуација кога судството ни се наоѓа во катастрофално историски најниска можна точка и оцена од страна на јавноста, Ние како Комисија свикуваме итно седница за Утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд во ситуација кога одговорноста не знае кој да ја преземе за лошата состојба во судството, кога претседателот на Врховен суд се жали за политички притисок од одредени моќници во државата. Во ситуација кога ништо не функционира во државата, зошто вие како претседател на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата преземате обврска која не е ваша? А тоа е неделовнички да свикувате седници. Во членот 7 од Деловникот на оваа Комисија се вели „седница на Комисијата  се свикува по писмен пат, со покана за свикување на седници“. Став 2 од членот 7 вели „покана за седницата на Комисијата со предлог на дневниот ред и материјали што ќе се разгледуваат на седницата, како и записникот од претходната седница им се доставуваат на членовите на Комисијата осум дена пред денот на одржувањето на седницата, рече пратеникот Мицевски, најавувајќи дека и нивната пратеничка група имаат предлози за кандидати за нов член на Уставен суд и за кои, како што рече, ќе бараат и ќе инсистираат овој пат да бидат ставени на гласање и да се разгледуваат сите предлози.

Георгиевска истакна дека согласно Деловникот известени се членовите и замениците членови за одржувањето на Комисијата.

-Второ, добив информација дека има предлог за  Утврдување предлог за избор на уставен судија за место кое што е испразнето и согласно тоа ја закажав седницата. На сите членови и заменици членови на Комисијата сега ќе ви биде поделен материјалот. Заради тоа што и претходно барем колку што се сеќавам од нашата работ, членовите и замениците членови вклучувајќи не голем дел од нас сме давале предлози на самата Комисија по основ на персонални решенија, односно предлози за утврдување на кандидати за уставни судии. Согласно тоа сметам дека материјалите ќе ви бидат доставени на сите. Секако дека ми е јасно оти ви е потребно дополнително време за да го разгледувате предлогот, рече таа порачувајќи им на членовите и замениците членови на Комисијата доколку имаат предлози за уставни судии биографиите на кандидатите да ги доставуваат до собраниските служби, рече Георгиевска.

Таа ја прекина седницата и информира дека со работа по истата ќе продолжат утре во 11 часот.

Предлог за судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија од страна на партиите од власта е професорката на Правниот факултет Јадранка Дабовиќ.

Предлогот за нов уставен судија е поради испразнетото место на судијата Јован Јосифовски чиј мандат истече во јануари 2022 година.фф/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан