• понеделник, 23 декември 2024

Презентирани резултатите од проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните“

Презентирани резултатите од проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните“

Делчево, 5 октомври 2023 (МИА) – Во Делчево денес се одржа работилница на која се презентираат резултатите од спроведеното истражување направено од месец април до месец јули годинава како дел од проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните“. Целта како што информираше координаторот на проектот Зоран Биковски е да се утврди задоволството на граѓаните од постапувањето на инспекциските служби, посочувајќи дека има сериозно подобрување на состојбите во тој дел, повикувајќи се на фактот што се повеќе граѓани ја користат алатката „Пријави кај инспекторот“ се со цел превентивно да се делува од самите инспекторати.

Сепак потенцира дека фактичката состојба укажува дека само 24 проценти лицата коишто пријавиле до инспекциските служби се задоволни од добиените одговори.

- Ова е сериозен показател дека мора да се подигне капацитетот на инспекциските служби меѓутоа да се зголеми и свесноста на граѓаните дека треба да продолжат да бидат активни и да укажуваат на потребите дека инспекциите треба да служат на самите граѓани. Дополнително може да се каже дека над 66 проценти од самите млади од 15 до 29 години, не се заинтересирани да пријавуваат проблеми кај самите инспекциски служби, рече Биковски.

Самата статистиката според него е доказ дека младите се повеќе ја напуштаат нашата земја, меѓутоа истовремено според него е аргумент дека треба да се преземат сериозни активности да се задржат младите, да се зголеми довербата во институциите и истите да размислуваат како да се инклузираат во самата општина Делчево.

Денешната работилница според Биковски беше одлична можност да се слушне гласот и на граѓанските организации кои беа вклучени во проектот. Вели дека тие играат значајна улога за граѓаните бидејќи проблемите можат да ги пријават преку самите невладини организации, се со цел за да се подобри пристапот до институциите, односно до инспекциските служби.

-Во таа насока препораките се секоја инспекциска служба да има истакнато работно време име и презиме на самиот инспектор, телефонски број на кој може да се добие. Инспекциските служби треба да бидат достапни и за лицата со попреченост, а исто така во најкраток можен рок треба да постапат односно во рок од три дена веднаш да постапат по предметот и не повеќе од 15 дена, додаде Биковски.

Истражувањата од проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните“ покажува дека граѓаните се помалку го користат и писмениот начин за обраќање до инспекторатот. Предизвик по сумирањето на резултатите останува и тоа што за корисниците на гарантирана минимална помош и за корисниците коишто се со ниски пензии примања или се невработени да бидат ослободени од плаќањето такса при обраќањето до градоначалникот или која било друга институција.

Како дел од проектот претходно се одржа работилница во Велес на која претставниците на Советот за инспекциски надзор, Подрачната единица за животна средина и државните инспекторати укажаа дека постојат слабости во воспоставувањето на инспекциските служби кои според нив е потребно да бидат под директен надзор на државните институции, се со цел да имаат сериозни одговори кон самите граѓани, истите да бидат проверувани на државно ниво и со тоа да се подобри квалитетот на услугите.

Завршната оценка по денешната работилница е задоволството од резултатите во рамки на проектот со главна порака до граѓаните и понатаму да бидат активни и секогаш кога ќе имаат каков било предизвик слободно прашањата да ги адресираат до инспекциските служби кои постојат за самите граѓани.

Проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните“ го имплементира делчевската невладина организација КХАМ преку Центарот за промоција на цивилното друштво (CPCD) и Центарот за истражување и креирање политики со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. вс/ир

Фото: МИА

 

Остани поврзан