• недела, 22 декември 2024

Преземањето на „иРобот“ од страна на „Амазон“ под лупа на Европската комисија

Преземањето на „иРобот“ од страна на „Амазон“ под лупа на Европската комисија

Брисел, 7 јули 2023 (МИА) - Европската комисија иницира истрага за оценка на усогласеноста на предложеното купување на „иРобот“ од страна на „Амазон“ со правилата на ЕУ за конкурентност. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Еврокомисијата е загрижена дека преземањето ќе му овозможи на „Амазон“ да ја ограничи конкуренцијата на пазарот за роботски правосмукалки (РВЦ) и да ја зајакне својата позиција како давател на услуги на онлајн пазарот.

Европската комисијата потсетува дека „Амазон“ преку својата мрежа за онлајн трговија им овозможува на трговците на мало да ги рекламираат и продаваат своите производи, вклучитлно и роботски правосмукалки на „иРобот“.

- Прелиминарната истрага на Комисијата покажува дека е можно преземањето да му овозможи на „Амазон“ да ја ограничи конкуренцијата за производство и снабдување со РВЦ и да ја зајакне својата позиција на пазарот за онлајн услуги во однос на трети продавачи. Ова особено, што Комисијата прелиминарно утврди дека онлајн пазарот на „Амазон“ е особено важен канал за продажба на РВЦ во неколку земји членки на ЕУ, посочува Европската комисија.

Според Комисијата, „Амазон“ би можел да го ограничи пристапот на конкурентите во продажбата на РВЦ на неговиот онлајн пазар, преку фаворизирање на производите на „иРобот“, ограничување на рекламите на конкуренцијата или зголемување на трошоците за рекламирање и продавање на конкурентските роботски правосмукалки. 

- Ваквите стратегии би можеле да ја ограничат конкуренцијата на пазарот за производство и снабдување со РВЦ, што ќе доведе до нивни повисоки цени, понизок квалитет и помалку иновации за потрошувачите, смета Еврокомисијата.

Од овие причини Европската комисија ќе спроведе длабинска истрага за ефектите од предложеното преземање, за да утврди дали нејзината загриженост за нарушување на конкурентноста е оправдана.

За предложеното преземање на „иРобот“ од страна на „Амазон“, Комисијата била известена на 1 јуни годинава и сега таа има 90 работни дена, до 15 ноември, да донесе одлука околу сомнежите за прекршување на правилата на ЕУ за конкурентност. сп/

МИА Архива

 

Остани поврзан