• четврток, 11 јули 2024

Пред почетокот на учебната година струмичиот Совет за превенција разговараше за сузбивање на врсничкото насилство и говорот на омраза

Пред почетокот на учебната година струмичиот Совет за превенција разговараше за сузбивање на врсничкото насилство и говорот на омраза

Струмица, 30 август 2023 (МИА) - Пред почетокот на новата учебна година Локалниот совет за превенција на Струмица разговараше и предлагаше мерки за сузбивање на врсничкото насилство и говорот на омраза кај учениците во основните и средните училишта во Општината.

Според градоначалникот Костадин Костадинов, на денешната седница на Советот се отвора многу важна тема за зголемувањето на нивото на доверба меѓу учениците во основното и средното образование, почнувајќи од најрана возраст.

-Јас можам денеска да донесам заклучок дека конечно по гаснење пожари на акутни теми коишто ги имавме во општина Струмица, веќе почнуваме да превенираме. Сметам дека тоа е фундаменталната улога на Локалниот совет за превенција, на што јас сум особено горд, заедно со сите советници и општинската администрација, но морам да ја истакнам важноста и на сите постојани и непостојани партнери коишто членуваат во Советот, истакна Костадинов.

Според директорите на училиштата, многу е значајно што оваа тема се разгледува на Советот за превенција и се носат мерки и заклучоци како овие појави да се превенираат.

-Потребни се обуки и работилници за наставниот кадар на коишто стручни лица би им помогнале на наставниците да ги осознаат проблемите со кои се соочуваат младите денес. Ние како училиште организиравме работилница на која психијатар и психолог зборуваа со учениците, наставниците и претставници на Советот на родители за потребата од зголемување на емпатијата во училиштата преку препознавање и детекрирање на деца со психички проблеми или било какви други проблеми. Фидбекот од таа средба беше многу позитивен, рече Невенка Стојанова, директорка на СОУ „Јане Сандански“.

Според Драгица Спасова, директорка на ООУ „Сандо Масев“, тие се придржуваат до процедура за насилство и тоа не откако ќе се случи тоа, туку на секој почеток на новата учебна година преку родителски средби се врши запознавање на родителите.

-На родителите им се укажува да посветуваат повеќе внимание на детето, во каква состојба е тоа и евентуално што го мачи. Стручната служба и одделенските раководители се вклучени во таа активност, а секоја година родителите на првачињата добиваат брошура во која се пропишани конкретни чекори и се одржува родителска средба во проширен состав, односно по еден претставник од секоја паралелка, рече Спасова.

Според Елизабета Дончевска Лушин од ООУ „Даме Груев“ од село Куклиш, многу е важно е да се препознае говорот на омраза на социјалните мрежи кои најмногу го промовираат повозрасните.

-Говорот на омраза не го измислија децата, туку повозрасните. Не можеме да ги укиниме социјалните мрежи, но можеме да ги оплемениме. Од коментарите на социјалните мрежи најголем дел се со говор на омраза од возрасните, која потоа се прелева на децата и потоа лесно доаѓаме до физички пресметки. И затоа најпрвин треба стоп за говорот на омразата кај возрасните, смета Дончевска Лушин.

За неа е потребно да се реализираат кампањи за спречување на говорот на омразата и да се научат децата да разговараат со силата на аргументите.

На денешната седница на Советот за превенција учествуваа претставници на основните и средните училишта од Струмица, стручни служби, совети на родители, СВР Струмица, општинска администрација и членови на Советот на Општина Струмица. рт/мд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан