• петок, 05 декември 2025

Пред бразилскиот Врховен суд адвокатите на Болсонаро ги негираа обвинувањата за обид за државен удар

Пред бразилскиот Врховен суд адвокатите на Болсонаро ги негираа обвинувањата за обид за државен удар

Бразилија, 14 август 2025 (МИА)  - Адвокатите на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, во нивното последно излагање пред Врховниот суд, ги негираа обвиненијата за обид за државен удар поврзани со неговите наводни обиди да остане на власт по поразот на изборите во 2022 година од сегашниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.

Одбраната тврдеше дека не се презентирани цврсти докази дека Болсонаро дејствувал против демократските институции на Бразил или ги охрабрил другите да го сторат тоа, додавајќи дека фактот што тој дозволил процесот на претседателска транзиција да продолжи според правилата е во спротивност со тврдењата дека се обидел да го попречи, објавуваат американските медиуми.

Поранешниот претседател и другите обвинети имаа рок до вчера да ја презентираат својата одбрана, што е последниот процедурален чекор пред судењата, за кои се очекува да завршат до крајот на годината, додаваат амриканските медиуми.

Пет судии на Врховниот суд на Бразил ќе одлучат дали Болсонаро е виновен, а доколку биде осуден за обидот за државен удар, Болсонаро би можел да биде осуден на до 12 години затвор.

Заедно со другите обвиненија, тој би можел да помине десетици години зад решетки.

Дури и ако биде осуден, Болсонаро има право да ја обжали одлуката до Врховниот суд во полн состав.

Врховниот суд на Бразил, кој се занимава со прашања поврзани со изборите, веќе му забрани на Болсонаро да се кандидира на избори до 2030 година, откако утврди дека ја злоупотребил својата моќ со тоа што покренал сомнежи за изборната безбедност на Бразил.

Болсонаро е во домашен притвор од 5 август.

Судијата Александар де Мораеш, кој го води случајот, рече дека Болсонаро ги прекршил безбедносните мерки со ширење на содржини преку своите три сина, кои се членови на парламентот. Минатата недела, судијата Мораеш ги ублажи ограничувањата, дозволувајќи неограничени семејни посети.

Болсонаро доби поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го нарече обвинувањето „лов на вештерки“ и ја поврза својата одлука за воведување царини од 50 проценти на бразилскиот увоз со правните проблеми на поранешниот претседател.

Главниот обвинител на Бразил, Пауло Гонет Бранко, во февруари го обвини поранешниот претседател Жаир Болсонаро за обид за државен удар по поразот на изборите во 2022 година.

Поранешниот претседател на Бразил е обвинет за надгледување на масовна шема за задржување на власта по поразот на изборите, вклучувајќи еден заговор за поништување на гласањето, распуштање на судовите и зајакнување на војската, како и друг за заговор за атентат врз новоизбраниот претседател Инасио Лула да Силва.

Во обвинението од 272 страници се тврди дека Бразил бил екстремно блиску до враќање во воена диктатура по речиси четири децении.

Болсонаро и уште 33 други, вклучувајќи го поранешниот шеф на разузнавањето, министерот за одбрана и советникот за национална безбедност, се обвинети за серија злосторства против демократијата во Бразил.сд/

фото:Скриншот од ТВ 

Остани поврзан