Предупредувачки едночасовен штрајк на вработените во „Царински терминал“ во Прилеп
- Десетина вработени во прилепскиот Царински терминал излегоа на предупредувачки едночасовен штрајк. Немаат плата три месеци, ниту пак здравствено осигурување. Терминалот работи во состав на прилепски ЈКП „Комуналец“. Бараат разбирање од надлежните и решение.
Прилеп, 4 ноември 2024 (МИА) - Десетина вработени во прилепскиот Царински терминал излегоа на предупредувачки едночасовен штрајк. Немаат плата три месеци, ниту пак здравствено осигурување. Терминалот работи во состав на прилепски ЈКП „Комуналец“. Бараат разбирање од надлежните и решение.
-Моментално сме излезени на предупредувачки штрајк за да видиме дали има разбирање за проблемот. Основач е ЈКП „Комуналец“-Прилеп, како подружница Терминал доел. Немаме земено три плати. Последнава година се случува да се даде плата при крајот на месецот и два дена осигурување. А сите сме возрасни, над 50 години, сите сме со проблеми, а здравствено немаме. Се надеваме дека од претпријатието, а и градот ќе имаат разбирање да се реши проблемот. Сме имале контакти со надлежните, веќе две години се провлекува проблемот. Само ни е речено дека се бара решение, изјави Славе Јорданоски, вработен во „Царински терминал“-Прилеп.
Зоран Стефаноски, вработен во терминалот вели дека порано имало голем прилив на пари, но работите се проблематични година и половина.
- Во Терминалот имало секогаш прилив на пари. Секогаш се чекало ние да земеме плата, па остатокот да се повлече за во „Комуналец“ да исплатат плати. Но последните година и половина немаме никакво разбирање, ниту од „Комуналец“, ниту од локалните власти, рече Стеваноски.
Поддршка на 10-тината вработиени кои се речиси пред пензија им дава синдикалната организација.
Како синдикална организација застануваме зад вработените кои немаат каде повеќе да се обратат. Директорот на ЈКП „Комуналец“ е запознат со ситуацијата, известен е и градоначалникот. Сега-засега не наидовме на слух. Че продолжиме со активности сѐ додека на вработените не им се исплати тоа што го сработиле. Ако нема разбирање, штрајкот ќе се радикализира. Ќе бараме разбирање од надлежните за да се реши проблемот и да не се радикализира, изјави Пецве Игески, претседател на синдикалната организација.
Од ЈКП „Комуналец“ велат само дека се бара решение на проблемот, а последните години „Царинскиот терминал“ работел со загуба.ем/са/
Фото: МИА