• недела, 17 ноември 2024

Предлог законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства го помина комисискиот филтер

Предлог законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства го помина комисискиот филтер

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Предлог законот за дополнување на Законот за лекови и медицински средства попладнево доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за здравство и ќе биде проследен на натамошна постапка во Собранието.

За овој предлог-закон беа поднесени неколку амандмани од членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа одбиени.

Заменик-министерката за здравство, Марија Манолева истакна дека оваа иницијатива има за цел да ја истакне потребата од воведување на можност за склучување на посебни договори меѓу Северна Македонија и производителите на специфични лекови кои се иновативни и немаат конкуренција на пазарот.

-Истовремено сите овие лекови како нови можности за лекување имаат многу висока цена во прометот на лекови и се употребуваат најчесто на третманот на пациенти со ретки болести, со цистична фиброза и други специфични тешки болести. Овие посебни договори кои што би се склучувале ќе бидат помеѓу купувачот и фармацевтската компанија, односно имаат за цел да овозможат достапност на сите овие современи терапии коишто им се потребни на пациентите, рече Манолева.

Пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ апелираше до членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да се остави настрана политиката барем, како што рече, кога станува збор за интересот на пациентите. 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески рече дека тие ниту биле, а и ниту ќе бидат против овој закон, посочувајќи дека ќе го поддржат.

Претседател на Комисијата, Арбен Зибери ја прекина седницата и за продолжението, членовите дополнително ќе бидат известени. фф/бак/

Фото: Принтскрин од Јутјуб

Остани поврзан