• недела, 22 декември 2024

Преговорите за автономијата на Корзика влегуваат во финална фаза

Преговорите за автономијата на Корзика влегуваат во финална фаза

Париз, 11 март 2024 (МИА) - Во Франција преговорите за автономија на Корзика, која на францускиот медитерански остров му ја вети претседателот Емануел Макрон, влегуваат во завршна фаза.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен вечерва во Париз треба да се сретне со делегација на корзикански политичари за да разговараат за текстот со кој официјално ќе се впише автономијата во Уставот, а целиот процес треба да биде завршен до крајот на март.

Макрон минатата есен преку уставниот амандман најави автономија на Корзиканците. Односите меѓу Корзика и властите во Париз се затегнати подолго време, а корзиканските сепаратисти со децении се борат за поголема независност, често користејќи насилни методи, пренесува ДПА.

Во 2014 година, корзиканската герилска организација ФЛНЦ прогласи привремено примирје и го положи оружјето, додека поумерените корзикански националисти стекнаа влијание.

Сепак, пред две години повторно имаше насилни протести и напади од милитантните сепаратисти. 

Сега во регионалниот парламент мнозинството пратеници бараат автономен статус.

Кога и доколку владата на Макрон и претставниците на Корзика се договорат за текстот на уставните измени, тие треба да бидат прифатени од двата дома на францускиот Парламент. Согласноста во Долниот дом е речиси сигурна, но десничарите во Горниот дом, Сенатот, се многу непријателски расположени кон идејата за автономија на Корзика.

Корзика е дел од Франција од приближно средината на 18 век. По Кипар, Сицилија и Сардинија, тој е четврти по големина остров во Медитеранот, со околу 350.000 жители, од кои околу една петтина, покрај официјалниот француски, зборуваат и корзикански, кој има сличности со некои италијански дијалекти. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан