• петок, 22 ноември 2024

Прва седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството во НАТО

Прва седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството во НАТО

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) - Советот за координација на активностите поврзани со членството на Република Северна Македонија во НАТО, во новиот состав на Владата, денеска ја одржа првата седница.

Како што соопшти владината прес-служба, седницата ја водеше премиерот Христијан Мицкоски, во својство на претседавач на Советот, на која присуствувале сите членови на Советот, како и амбасадорите на земјите членки на НАТО во земјата на негова покана.

Мицкоски ја истакнал важноста од нашето членство во НАТО, како и блиската меѓуинституционална координација во рамките на Владата, по значајни прашања од агендата на НАТО и реализацијата на нашите обврски кои произлегуваат од членството во Алијансата.

-Како кредибилен сојузник, нашата земја останува посветена кон својата определба за придонес за зачувување на колективната безбедност и регионалниот мир, стабилност и просперитет. Воедно, согласно нашите можности и капацитети, остануваме посветени за обезбедување на одржлива поддршката за Украина и нејзините стремежи за постигнување на мир. Импликациите од актуелните глобални безбедносни предизвици бараат обединет и силен одговор од сите членки на Алијансата. Во оваа прилика упатуваме благодарност до сојузниците со кои заеднички ги споделуваме Евро-атлантските вредности и одговорности за нашата заедничка безбедност и стабилност, како и за поддршката која ја даваат за зајакнување на националните капацитети и одржување на нивото на подготвеност како земја членка на НАТО, истакнал Мицкоски.

На седницата се обратил и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во својство на ко-претседавач со Советот.

-Денешниот состанок на Советот, кој претставува платформа за сеопфатна размена на информации и дискусија за сите значајни теми и градење на национални позиции, како и предлагање на одлуки за нивна имплементација, е практичен доказ за нашите заложби за квалитетен придонес кон унапредување на регионалниот мир и стабилност, но и целокупната трансатлантска безбедност. Наша цел е да се фокусираме на воспоставување на целосно функционална, ефективна и одржлива структура, каков што е Советот, во насока на натамошно зајакнување на нашите институционални капацитети, креирање политики и дефинирање на ставови, подеднакво важни за земја и за Алијансата, порачал Муцунски.

На седницата се обратил и министерот за одбрана Владо Мисајловски, во својство на ко-претседавач со Советот.

-На седницата дискутиравме за тековните прашања од значење на одбраната и безбедноста на државата за кои се побарува сеопфатен пристап, усогласени ставови и координиран настап во НАТО контекст. Согласно дневниот ред, разговаравме за модалитетите за понатамошната поддршка на Украина, го брифирав Советот за активностите на полето на одбраната, а поврзано со донесените одлуки содржани во Декларацијата донесена од страна на шефовите на влади и држави кои учествуваа на Самитот на НАТО во Вашингтон, како и за редовниот состанок на министрите за одбрана одржан 17-18.10.2024 година во Седиштето на НАТО во Брисел, Белгија, порачал Мисајловски.

Во оваа прилика членовите на Советот, како што е наведено во соопштението, имале можност да разменат мислења за актуелните безбедносни состојби, вклучително и реализацијата на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Вашингтон, вклучително и за состојбите во Украина, нашите заложби за обезбедување долгорочна поддршка на Украина, како и за исполнувањето на нашите обврски за промовирање на безбедноста на регионално и глобално ниво заедно со другите сојузници во НАТО.

Предвидено е Советот да се состанува редовно со цел одржување соодветна динамика на активно следење на состојбите и потребите на Алијансата, согласно обврските кои произлегуваат од нашето членство во НАТО. дма/aa/

Фото: Влада 

 

Остани поврзан