• недела, 22 декември 2024

Муртезани-Странд: Исполнување на реформските критериуми, но и обезбедување јасна ЕУ перспектива за регионот

Муртезани-Странд: Исполнување на реформските критериуми, но и обезбедување јасна ЕУ перспектива за регионот

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Перспективите на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан за членство во Европската Унија, како за важноста на процесот на проширување на ЕУ како стратешка цел за стабилноста и напредокот на регионот, биле теми на разговор на денешната средба во Хелсинки меѓу министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за европски прашања на Република Финска, Јоаким Странд.

Министерот Муртезани, како што соопштија од МЕП, се заблагодарил за принципиелната и континуирана поддршка на Финска за европската иднина на Северна Македонија, која не се манифестира само преку политичката поддршка, туку и преку конкретна техничка и експертска помош. Муртезани ја подвлекол важноста на реализираните Tвининг проекти, кои досега вклучија седум успешни иницијативи со учество на фински експерти.

Муртезани истакнал дека Северна Македонија е силно посветена на европскиот пат и дека напредокот на земјата во реформските процеси заслужува континуирана поддршка од земјите-членки на Унијата.

Од Министерството соопштија дека соговорниците разговарале за тековните активности во контекст на реформите во клучните области, како владеење на правото, зајакнување на демократските институции и јавната администрација.

Муртезани информирал за напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европските стандарди, како и за подготвеноста на земјата да го отвори првиот Кластер „Фундаментални вредности“ во преговорите со ЕУ.

Соговорниците изразиле интерес за интензивирање на соработката во рамките на нови Tвининг проекти, коишто ќе ги опфатат областите на реформирање на јавната администрација, понатамошниот развој на дигитализацијата и зајакнување на организационите и институционални капацитети за процесот на преговарање за пристапување во Унијата.

Муртезани и Странд, како што соопштија од МЕП, констатирале дека исполнувањето на реформските критериуми е клучно, но и дека процесот на пристапување кон Унијата мора да остане динамичен и опиплив, за да се задржи мотивацијата на граѓаните и владите на земјите-кандидатки. дма/сст/

Фото: Министерство за европски прашања

Остани поврзан