• понеделник, 23 декември 2024

Прва пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост

Прва пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост

 Скопје, 8 март 2023 (МИА) - Собранието денеска ја одржува 107. седница, прва седница исклучиво посветена на унапредување на родовата еднаквост. Истовремено се одбележува и 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички. На дневен ред е Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во Република Северна Македонија. 

На седницата присуствуваат министерките и заменичките-министри во Владата, претставници од дипломатскиот кор и од домашни и меѓународни невладини организации кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички од формирањето во 2003 до денес.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по повод Меѓународниот ден на жената упати порака до пратеничките да бидат гласни, храбри, бестрашни, водилки во градење на похумано, демократско и рамноправно општество. Најави дека традиционално секој 8-ми Март Собранието ќе одржува седница посветена на унапредувањето на состојбите на родовото прашање и родовата еднаквост во државава.

-Во овој период во овој законодавен дом и со несебични заложби на сите парламентарни состави сме усвоиле исклучително значајни измени кои одеа во насока на изедначување, подобрување, заштита и унапредување и вреднување на статусот и придонесот на жената како рамноправен член на општествената заедница. Следствено донесени се неколку национални стратегии со кои ќе бидат покриени сите општествени работи. Секако тие ќе продолжуваат и со новини. Немојте да потклекнете колку и да се чини дека ова е машки свет, сепак светот е ништо без жената и вистинскиот дар би бил да го земете токму Вие светот во раце и да го водите. Убеден сум дека тоа ќе биде многу подобар и поубав свет за сите. Борбата треба да продолжи понатаму се до приклучување и на последниот маж во вашите редови до вас и со вас заедно, истакна Џафери. 

Mинистерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во денешното обраќање рече дека се евидентни позитивните промени во подобрување на положбата на жената и унапредување на родовата еднаквост. Како што рече, напредок имаме постигнато но, тој се уште не е доволен за да кажеме дека во државата имаме потполна родова еднаквост.

Таа напомена дека Северна Македонија има широка правна рамка за промовирање и воспоставување еднакви можности на жените и мажите која овозможува унапредување на положбата на жените во сите сфери на општественото живеење. Во изминатиот период, како што рече, донесени се значаен број на закони што се однесуваат на заштита на човековите права и слободи и овозможувањето на еднакви можности на жените и мажите.

-Горда сум што сум дел од континуираните активности кои се преземаат за унапредување на родовата еднаквост изминативе две децении и постигнатите резултати од аспект на закондовството, политиките и стратешките документи кои се поврзани со родовата еднаквост, рече Тренчевска.

Таа потсети на неколку значајни закони, меѓу кои Законот за еднакви можности на жените и мажите, донесен во 2006 година, а унапреден со донесувањето на нов Закон во 2012 година.

Посочи и на измените на Изборниот законик во 2015 година, со што, како што потенцираше, се подобрија законските решенија за учество на жените и мажите на кандидатските листи за членови на Парламентот и на локалните избори.

-Со донесувањето на Законот за минимална плата во 2017 година, за првпат минималната плата беше изедначена за работниците и работничките во тексилната и чевларската индустрија, од кои најголем процент се токму жени работнички. Во 2019 година беше донесен Законот за прекинување на бременоста, во 2020 година Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во 2021 година донесен е нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со кој се проширува системот на превенција и заштита од сите облици на родово базирано насилство и семејно насилство, во согласност со стандарите на Истанбулската конвенција, додаде Тренчевска.

Таа потенцираше дека Северна Македонија ги има ратификувано сите значајни меѓународни документи што се однесуваат на правата на жените и како такви тие се интегрирани во националното законодавство и силно се одразуваат во државните политики.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба уште многу да се работи за да се постигне родова еднаквост.

-Извонреден потег направивме со фемицидот, што го внесовме во Кривичниот законик и веќе не цитираат, но извонреден потег ќе биде што ќе има во рамките на народното правобранителство посебен заменик што ќе се грижи за овие проблеми, но мислам дека се уште остануваат многу нерешени прашања, рече Силјановска Давкова.

Таа информираше дека една третина од жените веруваат дека кога се обзнанува силувањето, можеби се претерува, или можеби не е вистина тоа што се зборува. Како што посочи, 28 проценти веруваат дека можеби силувачот бил предизвикан. Дваесет и еден процент жени во оваа држава се соочиле со насилство од претходен партнер, а 28 проценти од некој друг.

Според Силјановска Давкова, санкционирањето тешко доаѓа, што значи дека треба да се работи со помош на медиумите на подигнување на свеста. бт/фф/

Фото: Принтскрин од Јутјуб

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан