Првата размена на затвореници меѓу Русија и Западот беше во 1962 година на мостот Глинике во Берлин
- Рускиот шпион Рудолф Абел го преминал мостот на советската страна, додека американскиот пилот Гери Пауерс, кој бил уапсен во Советскиот Сојуз, преминал на спротивната западна страна.
Лондон, 2 август 2024 (МИА) – Лондонски „Гардијан“ денеска потсетува дека првата размена на затвореници меѓу Русија и Западот се случила во 1962 година за време на Студената војна.
Медиумот потсетува дека таа година две групи се собрале на мостот Глинике, што го дели Западен Берлин од Источна Германија, за да разменат руски шпион и американски пилот.
Од едната страна беа членови на американската воена полиција во кабаници, а од друга беа Советите со крзнени шубари.
Рускиот шпион Рудолф Абел го преминал мостот на советската страна, додека американскиот пилот Гери Пауерс, кој бил уапсен во Советскиот Сојуз, преминал на спротивната западна страна.
Тоа беше прва од бројните размени на затвореници која подоцна стана редовна практика која продолжи и по крајот на Студената војна.
Една од големите размени се случи на аеродромот во Виена во 2010 година, во која 10 руски шпиони уапсени во САД беа разменети за четворица Руси обвинети за шпионажа на Запад.
Вчерашната размена има некои сличности со онаа во 1962 година кога беа разменети Абел и Пауерс. Од една страна, во Москва се вратија неколку „илегалци“ кои, како и Абел, поминаа години претставувајќи се како странски државјани на Запад, а цело време шпионираа за Москва. Од другата страна, беа американскиот новинар Еван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан, кои беа затворени во Русија поради шпионажа.
Меѓутоа, додава „Гардијан“оваа размена е многу поразлична од оние во периодот на Студената војна, бидејќи тогаш имаше договор двете страни да се шпионираат една со друга, а размената на шпиони беше дел од неформалниот договор за да се осигура дека оперативците од која било страна нема да потрошат децении во затвор. сд/